Остин: САД се подготвени да користат конвенционално и нуклеарно оружје за заштита на Јужна Кореја
Соединетите Американски Држави се посветени на спречување на провокациите на Северна Кореја, вклучително и користење низа средства, како и нуклеарно оружје, рече шефот на Пентагон, Лојд Остин.
„САД се цврсто посветени на спречување на провокациите од Северна Кореја, што го вклучува целиот опсег на одбранбени средства достапни за САД вклучувајќи ги нашите конвенционални и нуклеарни способности, како и ракетната одбрана“, рече Остин на прес-конференција во Сеул мислејќи на посветеноста на САД за одбрана на Јужна Кореја.
Остин изјави дека во 2022 година Северна Кореја извршила невиден број провокации.
Јужнокорејскиот министер за одбрана, Ли Џонг-суб, и Остин ги осудија дејствата на Северна Кореја, вклучително и лансирањето проектили и беспилотни летала.
„За време на состанокот, министрите за одбрана силно ги осудија континуираните провокации на Северна Кореја и кршењето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, вклучително и лансирањето ракети и неодамнешните упади со беспилотни летала“, се вели во соопштението објавено по состанокот.
Според извештаите, САД и Јужна Кореја се договориле да продолжат да заземаат цврст став против „секакви дополнителни провокации од Северна Кореја“ заедно со меѓународната заедница.
Исто така, се додава дека Јужна Кореја и САД се договориле да го прошират опсегот на заедничките воени вежби во текот на 2023 година.
Министрите се согласија дека треба да се земат предвид промените на безбедносното поле, вклучително и неодамнешните потези на Северна Кореја во однос на нејзината нуклеарна и ракетна програма.
Дополнително, Вашингтон и Сеул се согласија блиску да се консултираат за распоредувањето на американското стратешко оружје на Корејскиот Полуостров, пренесе „Новости.рс“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа