Зеленски „извиси“: Нема договор за испорака на германски тенкови за Украина

Украина најверојатно ќе „извиси“ во добивањето на модерни тенкови од западните сили. Лидерите за одбрана кои се сретнаа во американската водухопловна база, Рамјштајн, во Германија не успеаја да се договорат за испраќање поголема воена помош за Украина.

Полска е првата држава која сака да испрати тенкови „Леопард 2“, кои се германско производство, но тоа не може да го стори без амин од Берлин. Варшава вети испорака на 14 тенкови под услов тоа да го направат и другите држави.

Германија ќе треба да даде согласност тенковите да ѝ бидат доделени на Украина, која не е членка на НАТО. И покрај молбите од украинските власти, Германија досега се спротивставуваше на зголемениот притисок за брзо снабдување со тенкови „Леопард 2“ на Киев, или барем да им го отвори патот на другите земји, како што е Полска, да ги испорачаат од сопствените резерви.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави се спротивставуваат на напорите на Германија, САД да испрати „М1 Абрамс“ во Украина. Според САД, главна пречка е обемното и сложено одржување и логистичките предизвици со возилото со висока технологија.

Вашингтон верува дека би било попродуктивно да се испратат германски „Леопард 2“ бидејќи многу сојузници ги имаат и на украинските војници ќе им треба помалку обука отколку на „Абрамс“.

САД и германските власти дадоа мешани сигнали за тоа дали Германија се двоуми да ги обезбеди „леопардите“. Официјален претставник запознаен со размислувањата на Белата куќа повтори дека Германија изрази колебање да ги обезбеди своите тенкови без САД да испрати „Абрамс“. Официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен за да разговара за размислувањата на администрацијата на Бајден, додаде дека во администрацијата има одредена збунетост околу германската позиција, бидејќи Британија, друг сојузник на НАТО, веќе се согласи да обезбеди тенкови.

Но, Штефен Хебестрајт, портпарол на германската влада, негираше дека Берлин барал од САД снабдување со тенкови „Абрамс“ заедно со која било пратка „леопарди“.

20.01.2023 - 20:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега