Власта ги менува правилата за породилно: Наместо 9 ќе трае 13 месеци

 

 

Прес24 дојде до предлог-законот за работни односи, чии членови поврзани со породилното отсуство ја дигна на нозе јавноста.

Еден член од законот веќе циркулира на интернет и предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.

Во предлог-законот, кој е напишан на 182 страни, материите за отсуствата мајчинство, татковство и родителство се регулирани во членовите помеѓу 160 и 170.

Според членот кој го регулира отсуството од работа за мајчинство, тоа ќе се намали од 9 на 5 месеци.

-Бремената работничка, односно работничката која се породила, се стекнува со право на отсуство од работа за мајчинство во вкупно траење од 20 недели непрекинато за раѓање на едно дете и 28 недели непрекинато доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе), се вели во предлог-законот.

Од друга страна, таткото се стекнува со право на отсуство од работа во вкупно траење од 15 работни дена за раѓање на едно дете или 20 работни дена за раѓање на повеќе деца одеднаш. Овие 15 дена  можат да се користат во еден дел и непрекинато. Но, татковците ќе имаат можност и да ги поделат во два еднакви дела, но обврзани се првиот дел да почне од денот на раѓање на детето, а вториот дел да се искористи најдоцна до истекот на отсуството за мајчинство.

Се обидовме да добиеме мислење од здруженија кои работат на заштита на работничките права. Но, и тие скоро го добиле обемниот предлог-закон, па ни рекоа дека прво ќе се консултираат со адвокати, пред да дадат експертско мислење за законот.

Но од МТСП појаснуваат дека иако навидум изгледа дека ќе се намали породилното отсуство, тоа не е баш така.

-Во новиот текст на Законот за работните односи, воведуваме поглавје за посебна заштита на работниците за време на бременост, мајчинство, татковство и родителство.  Наместо досегашното породилно отсуство, се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство. Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето , наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци, појаснуваат од МТСП.

Воведувањата на три вида на отсуство, појаснуваат од Труд и социјала, имаат за цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во перидот на подигање на детето или децата.

-Дополнително, ќе биде предвидена и можност за флексибилни форми на работа, кои  на двата родители ќе им овозможат да работат флексибилно, заради грижа и нега на дете, во форма на работа со неполно работно време, прилагоден распоред на работните часови или работа на далечина, во согласност со неговите потреби за давање грижа и нега на детето и потребите на работодавачот поврзани со работниот процес. Ваквиот пристап е во потполна согласност со најновата Директива на Европската комисија, која се однесува на рамнотежата на приватниот и професионалниот  живот на работникот. Овие отсуства ќе овозможат поголемо учество на таткото во процесот на нега и чување на детето од најраната возраст, додека истовремено ќе и овозможи на мајката побргу да се врати на пазарот на трудот. На овој начин, работничката - мајка, ќе може, исто како и таткото- работник да се еднакви во извршувањето на родителските должности, вклучително и правото на еднаков професионален развој, велат од МТСП.

14.01.2023 - 15:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега