МВР го демантира ВМРО-ДПМНЕ: Или свесно лажат или се комплетно неписмени
Од Министерството за внатрешни работи остро ги демантираат наводите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според кои командирот на кој му избега убиецот во затворот Идризово бил избркан за поткуп, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го вратил на работа и го назначил за комадир.
– Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите на ВМРО-ДПМНЕ изнесени во денешното соопштение. Станува збор или за свесно лажење или за комплетна неписменост и недоветност, затоа што и полуписмен човек знае дека МВР нема врска со затворската полиција, туку таа е во склоп на Министерството за правда односно Управата за извршување санкции, истакнаа од МВР.
Од Министерството нагласија дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ниту можел ниту има било каква врска со именувањето командири во затворот Идризово, затоа што, како што истакнаа, буквално нема никаква надлежност за тоа.
– Бараме ВМРО-ДПМНЕ да се извини и да ги повлече ваквите неверојатни лаги кои ги пласираат во јавноста, нагласија од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа