Нуредини повика на фер пристап до најновите технологии за сите за позелен и поздрав свет

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се обрати на сесијата на министрите за животна средина на виртуелниот самит „Гласот на глобалниот југ“ организирана од Индија и повика на фер пристап до најновите технологии за сите за позелен, поздрав свет.

Домаќин на глобалната сесија, како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, беше министерот за животна средина, шуми и климатски промени на Индија Бупендер Јадав, а на видео-конференција присуствуваа министрите за животна средина од повеќе држави од светот за да дискутираат на тема „Балансирање на растот и еколошки начин на живот (LiFE)“.

Министерот Нуредини ја истакна посветеноста на Република Северна Македонија кон имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан и исполнување на сите предуслови за интегрирана климатска акција.

Тој истакна дека нашата држава е можеби најамбициозната земја на Западен Балкан кога станува збор за емисиите на стакленички гасови укажувајќи дека климатските политики треба да се водат во согласност со принципот на правична транзиција кон климатска неутралност и во тесна соработка со граѓанското општество и социјалните партнери како на национално, така и на ниво на ЕУ.

Министерот Нуредини повика на фер пристап до најновите технологии во областа на обновливите извори на енергија за сите земји, за да може да се обезбеди почист и поздрав свет за идните генерации.

Самитот, како што информираат од Министерството  за животна средина и просторно планирање, е организиран согласно тековното индиско претседавање со Г20 и дава посебна и силна можност за оние земји кои не се дел од процесот на Г20 да ги споделат своите идеи и очекувања од Г20. 

13.01.2023 - 19:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега