МП: Вонреден надзор во затворот Идризово
Во врска со вчерашниот инцидент, во кој побегна лицето Б.М. од Тетово, осудено на вкупно 21 година затворска казна, од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање в промет наркотични дроги, се огласија од Министерството за правда преку писмено соопштение испратено до медиумите.
„На ден 12.01.2023 година, околу 23,20 часот при спровод на осуденото лице Б.М (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар ,,Мајка Тереза “поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пимпа на Лукоил, службеното возило било пресретнато од возило марка ,, ауди” со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот. Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот“, велат од МП.
Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило ,,ауди”.
Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје.Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување а со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР.
Издадена е наредба за распишување на централна потерница.
„Управата за извршување на санкции ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница.Воедно. ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан“, информираат од МП.
Инаку, осуденото лице Б.М од Тетово бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор , од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната ја издржува од 28.12.2020 година а истекува на 17.04.2040 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа