Осум малолетнички годинава жртви на трговија со луѓе
Министерството за внатрешни работи во текот на годинава идентификувало 13 жртви на трговија со луѓе, од кои осум се малолетни лица, а пет полнолетни. Осум се државјани на Република Македонија од кои две лица се тргувани во Франција, едно во Швајцарија и едно во Хрватска, а пет лица се странски државјани од Албанија, Косово и Србија. Сите лица вклучени во трговијата со луѓе се од жесски пол.
За ова денеска информираше министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
- Во прифатниот центар за странци згрижени се 11 потенцијални странски жртви. Потеклото на овие жртви е најчесто од Србија и Косово. Подигнати се обвиненија против шест лица, а донесена е и една пресуда со 5,5 години казна затвор за едно лице, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на промоцијата на кампањата „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговијата со деца во Македонија“.
Министерката додаде дека сето ова покажува дека ова е тешка форма на организиран криминал и најтешка форма на експлоатација и нарушување на човековите права, каде што за жал не е доволна само активноста на институциите надлежни за спроведување на законот, туку во голема мера мора да придонесе целото општество, пред се преку подигање на свеста за ваквата појава, разговори со потенцијалните жртви, со ранливите категории и поголема општествена активност во насока на помош на лицата кои веќе се нашле во ситуација на жртви.
Најголем дел од промотивните активности се спроведувале во местата каде има најголема фрекфенција на луѓе од сите старосни и социјални категории за да може да запознаат колку што е можно повеќе лица со потенцијалните опасности и да се подигне свеста за потребата од учество во поддршка на оние лица кои се јавиле како жртви.
- За таа цел преземени се не само промотовини активности во насока на подигнување на свеста, туку и конкретни активности кои значат поддршка на жртвите. Тоа значи дека годинава ставивме поголем акцент на можноста на секој граѓанин кој ќе процени дека има волја и можност да даде поддршка за жртвите да го направи тоа преку донација и да придонесе за подобрување на статусот на тие лица во општеството. За таа цел отворени се и телефони за донација 143 404, но и по електорнски пат преку веб страницата која е специјално креирана за оваа намена www.doniraj.mk , рече министерката за внатрешни работи.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека институцијата со која тој раководи презема мерки и активности во борбата против трговијата со луѓе и особено со деца.
- Тоа претставува деградирање на основните човекови права и темна дамка на современото општество. Продажбата на деца и на луѓето воопшто не смее да се случува и сите заедно треба да дадеме придонес и бескомпромисно да се бориме против ова современо зло. Во таа насока како МТСП согласно со светските и европските стандарди преземаме конкретни мерки за воспоставување на целосна законска и институционална рамка за помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе, рече Спасов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа