Во понеделник средба Груевски - Ван Ромпуј

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, в понеделник (9 декември) ќе престојува во еднодневна работа на Брисел при што ќе има средба со претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, јавува дописникот на МИА од Брисел. Десет дена пред Самитот на Советот, Груевски ќе се сретне со челникот на Европската унија со цел да се влијае за можно прифаќање на петтата последователна препорака на Европската комисија за Македонија да ги почне преговорите за члеснтво во Унијата.

На месец ипол по неговата последна посета на европската престолнина, каде последен пат се сретна со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, премиерот Груевски повторно доаѓа во Брисел овојпат на тет-а-тет со Ван Ромпуј. Иако улогата на првиот човек на Советот е повеќе формална и тој само го модерира состанокот на кој одлучуваат шефовите на државите и владите на змејите-членки на ЕУ, сепак, поранешнито белгиски премиер може да влијае нашата земја да добие добар заклучок кој ќе дава надеж за скорешен почеток на пристапните преговори.

Како што сега стојат работите, заклучокот за Македонија ќе биде договорен на 17-ти декември на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на Советот за општи работи (ГАК) на Европската унија. Засега, на пониските работни групи на Советот, по инсистирање на Грција, договорено е за македонската евроинтегративна иднина да се донесе сличен заклучок како во 2009 година, кога беше забележано дека “Советот ја нотира препораката за отворање на преговорите со земјата, но на ова прашање ќе се врати за време на следното претседателство”. Шансите се мали и шефовите на дипломатиите да договорат нешто повеќе.

Покрај средбата со Ван Ромпуј, Груевски в понеделник ќе има настап и на форумот во организација на европската канцеларија на германската невладина организација “Конрад Аденауер”, средба со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, како и посета на Универзитетската клиника во градот Лувен

06.12.2013 - 13:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега