Канческа-Милевска: Штета што не може да правиме споредба со инвестициите на СДСМ, бидејќи ги нема

 

Над 500 обиди за недозволена трговија со културни добра и шверц на артехакти биле откриени од полицијата и царината само оваа година. Министеркта за култура, Елизабета канческа – Милевска, во интервјуто за Прес24, тврди дека Министерството и надлежните институции ги зајакнуваат капацитетите и напорите со цел спречување и целосно сузбивање на појавата која изминативе години беше карактеристична на кражби на културното наследство.

-За првпат нашата држава има еден сериозен, интегриран пристап за сузбивање на нелегалната трговија со културните добра, што е особено значајно. Податокот дека со меѓусебна координација на Царинската управа на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура само во текот на 2013 година на граничните премини и на аеродромот „Александар Велики“ се спречија повеќе од 500 обиди за недозволена трговија со културни добра, јасно говори за нашиот одговорен однос и интегриран пристап во заштитата на културното наследство, вели Канческа-Милевска за Прес24, потенцирајќи дека со години запоставуваното инвестирање во културното наследство сега веќе е минато.

Изминативе години кностантното вложување во археологијата и пронајдените над 200.000 артефакти ја зголемија и потребата од дополнителна заштита на културното наследство.

-Културното наследство е наша заедничка грижа и сите ние, вклучувајќи ги и граѓаните, имаме одговорност за негово зачувување и негово натамошно опстојувања. Сметам дека е потребна исклучително голема будност и еден координиран пристап  за да можеме да им застанеме на патот на сите обиди за кражба на македонското културно наследство. Само така можеме да обезбедиме соодветна заштита на културното наследство и негова промоција, вели Канческа-Милевска, која во интервјуто за Прес24, потенцира дека сите оние кои се задолжени за работењето во културните институции ќе бидат сакнкционирани, доколку се покаже нивно несовесно работење.

-Во делот на македонските манастири и цркви, голема одговорност имаат и Македонската православна црква и црковните одбори кои ги раководат овие објекти и со кои, за жал, во минатото немавме секогаш добри искуства. Сакам да потенцирам дека во меѓувреме, и покрај големиот отпор на црковните одбори, во соработка со македонската православна црква и нашите надлежни институции, спроведовме сериозна акција за  собирање и дислокација на околу 500 вредни икони од селските цркви во струшкиот и во дебарскиот регион од Дебарско-кичевската епархија. Успеавме да ги завршиме повеќемесечните активности поврзани со нивното евидентирање, фотографирање, а е извршен и попис на целиот иконописен фонд, вели за Прес24, Министерката за Култура.

За обвинувањата на опозицијата околу пректот Скопје 2014-та, таа смета дека една мала група луѓе предолго ја злоупотребува јавноста со измислици за проектот „Скопје 2014“ и ја потенцира подготвеноста на Министерството за култура, за ваквите “тенденциозни, злонамерни и неосновани напади”, да таа група да побара судска разврска доколку има потреба.

-Во врска со критиките на опозицијата, уште еднаш ќе напомнам, сакам критика што е конструктивна и ни помага во работењето, но не и критика базирана на паушалности и манипулирање со јавноста. Жал ми е што не можеме да направиме споредба со некои инвестиции од времето на СДСМ во областа на културата. Да имаше такви инвестиции, сега ќе дебатиравме што е подобро, а што не, вели Канческа-Милеска во интервјуто за Прес24.

Во Интервјуто за Прес24, Министерката за култура одговара и за иницијативата на електронските медиуми за оспорување на уставноста на Законот за Филмски фонд, потенцирајќи дека обврската радио-дифузерите да учествуваат во финансирањето на работата на Филмскиот фонд, е европска пракса.

-Во Франција дифузерите плаќаат надоместок од 2,5% од нивниот годишен приход, а ваков сличен процент постои и во законодавствата на Белгија, Хрватска, Чешка, Германија и Романија. Свесни сме дека имплементацијата на законското решение ќе се одвива со потешкотии што, впрочем, беше практика и во овие земји кои имаат вакви законски решенија, но сметам дека треба подалекосежно да се гледаат ефектите од овој закон и поволностите што ги нуди за телевизиските организации. Овој закон има неколку бенефити за телевизиските организации. Имено, телевизиските организации ќе имаат право без надоместок да ги емитуваат филмовите реализирани со средства од Филмскиот фонд, а исто така ќе можат, во согласност со овој закон, да го искористат правото кое важи и за нив и за странските продуценти, а тоа е правото на  поврат на средства од 20% за вложени инвестиции во продукција на телевизиски филм, играни серии, документарни филмови и сл, вели Министерката за Култура, Елизабета Канческа-Милевска, во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Случајот на Музејот на Македонија, од кој исчезнаа вредни артефакти, повторно во јавноста го враќа прашањето за заштитата на културното наследство, за сигурноста на археолошките пронајдоци. Она што во овој случај е интересно е што најверoјатно станува збор за кражба направена одвнатре. Кои се последните информации за овој случај? Има ли детали кои укажуваат на тоа кој ја извршил кражбата?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА:  Инспекциската служба на Министерството за култура, заедно со Министерството за внатрешни работи, е активно вклучена во истрагата што се спроведува во Музејот на Македонија. Во интерес на истрагата, не би сакала да давам никакви изјави и коментари пред да заврши целокупниот процес, но по завршувањето на истрагата, јавноста ќе биде запознаена со официјалниот извештај по кој ќе бидат преземени сериозни мерки.

 

ПРЕС24: Завршуваат ли овие предмети на светските црни пазари за арттефакти? Потребна ли е поширока анимација на институциите, неодамна и царинаат најави нови методи, за да се спречи изнесувањето на вредните предмети од Македонија?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА:За жал, мораме да забележиме дека незаконската трговија со културните добра станува сѐ позачестен европски и светски тренд. Ова беше констатирано и на неодамнешната конференција на претставниците на царинските управи од регионот и Светската царинска организација што се одржа во Скопје. Република Македонија не е имуна на овие состојби и се соочува со злоупотреба на своето културно наследство. Но, сакам да потенцирам дека за првпат нашата држава има еден сериозен, интегриран пристап за сузбивање на нелегалната трговија со културните добра, што е особено значајно. Податокот дека со меѓусебна координација на Царинската управа на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура само во текот на 2013 година на граничните премини и на аеродромот „Александар Велики“ се спречија повеќе од 500 обиди за недозволена трговија со културни добра, јасно говори за нашиот одговорен однос и интегриран пристап во заштитата на културното наследство. Исто така, сакам да споменам дека со Царинската управа отворивме и информативно катче на аеродромот „Александар Велики“ со цел да ги информираме царинските работници, но и граѓаните, како може да распознаат оригинал и копија и какви вредности не е дозволено да се изнесуваат од државата.    

 

 

ПРЕС24: Ќе има ли одговорност за раководните структури на оваа институција и колку овој пример е аларм за проверка на работењето на музејските институции во Македонија? Сепак не треба да се отфрли веројатноста дека може да има и други такви случаи, ако се знае дека оваа кражба беше случајно откриена?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Кражбата не беше случајно откриена, туку беше поднесена пријава од страна на директорот на Музејот на Македонија до Министерството за внатрешни работи. Одговорноста на сите директори и на сите вработени во институциите од областа на културата е огромна без оглед дали станува збор за музеи или заводи за заштита на културното наследство. Законот за заштита на културното наследство е многу јасен и прецизен и во оваа смисла, следењето и спроведувањето на сите процедури и донесени правилници треба да бидат беспрекорни. Секое противзаконско дејствување, непостапување или немарност во работењето мора да биде санкционирано според законот, без разлика дали станува збор за менаџментот или се работи за вработени во институцијата.

Министерството за култура, во согласност со своите надлежности, континуирано врши инспекциски надзор над работата на сите установи од областа на културата како и на останатите корисници кои добиваат  средства од Буџетот на РМ преку Годишниот конкурс на Министерството. Што се однесува на заштитата на културното наследство, Министерството има лимитирани надлежности. Имено, поради спецификата и комплексноста на заштитата на културното наследство,  што подразбира висок степен на стручност и познавања, надлежностите во заштитата се ингеренција на Управата за заштита на културното наследство. Во контекст на работата на музеите, Управата е надлежна за евиденција и инвентаризација на движните добра, за спроведување на мерките за непосредна заштита, но и за спроведување на мерките за безбедносна заштита. Нејзината одговорност е огромна и бара целосна посветеност од сите вработени во оваа институција.

 

ПРЕС24: Вие како Министерство за Култура, и оваа Влада како извршна власт вложивте големи напори во археолошките локалитети, нивно истражување, пронајдени се голем број артефакти. За нивна заштиата потребни се дополнителни напори?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Во  контекст на заштитата на културното наследство, би сакала да истакнам дека како никогаш досега, Владата на Република Македонија инвестира во  многу сегменти од оваа комплексна област. Во минатото многу мал дел средства се издвојувал за оваа намена  наспроти сегашните состојби, кога Владата издвојува голем фонд за заштита на културното наследство. Исто така, обезбедуваме и дополнителни средства од европските фондови кои досега ја помогнаа реализацијата на многу проекти од областа на заштитата на културното наследство.

Во изминатиот период голем број археолози и стручни тимови вршеа капитални археолошки истражувања на 25 локалитети, како: Стоби, Исар Марвинци, Самуиловата тврдина, Плаошник, Вардарски Рид, Скупи, Таор, Скопско кале, Хераклеја Линкестис,  Баргала, Виничко кале, Кокино, Стибера и многу други. Истовремено, беа реализирани вкупно 325 проекти, ќе споменам дел од нив, како тековни археолошки истражувања на локалитетите Црвено Поле-Барбарево, Струмица, подводни археолошки истражувања во Мрдаја-Дојран Врбник и Ташмаруништа-Струга, Раица-Љубаништа,Тумба Велушина-Битола, Спанчево-Кочани, Црквиште-Клечовце, Кумановско и други.  На сиве овие локалитети беа пронајдени над 200.000 артефакти, од кои дел се веќе конзервирани и се претставени пред јавноста преку годишните изложби што ги презентиравме во изминатиот период. Со поддршка на Владата и на Министерството за култура, во изминатите години беа реконструирани повеќе исклучително вредни споменици на културата, како: Куќата на Уранија во Охрид, Спомен-куќата на браќата Миладиновци во Струга, Участакот во Прилеп, Саат-кулата во  Прилеп и Саат-кулата во Гостивар, Арабати Баба теќето во Тетово, Куќата на родителите на Ататурк во Коџаџик, Восок-амамот во Охрид, Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во Смилево, Куќата од Ајри Доко во Охрид, амамот во Гевгелија, Турската пошта во Струмица и многу други. Од археолошките структури на терен конзервиравме над 50 објекти или дел од нив, меѓу кои се: Стибера,  Римскиот театар во Стоби, ранохристијанската базилика на локалитетот Манчевци, Бедемот и одделни објекти на локалитетот Баргала. Исто така, како особено атрактивни реконструирани локации, ќе ги споменам и наколната населба, Музејот на заливот на коските и неолитското село Тумба Маџари во Скопје. Надлежните институции извршија и конзерваторско-реставраторски интервенции на над 130 проекти од профаната архитектура и на 180 сакрални објекти, меѓу кои се: комплексот Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Лешочкиот манастир, Шарената џамија во Тетово, Татар Синан Бег џамијата во Куманово, Св. Софија во Охрид, Св. Јован Претеча во Кратово, Св. Никола Пласница, Св. Петар, Голем град Преспа, Св. Богородица, Велушина, реконструкцијата на конаците на манастирот во с. Кучевиште, реконструкцијата на турбето на крал Кзи, реконструкцијата на конаците на Св. Архангел Михаил во Варош и други. Ќе споменам дека со поддршка на Владата на Република Македонија, комплетно е обновен и опожарениот дел на манастирот Св. Јован Бигорски за чија реконструкција издвоивме 3 милиони евра, а работиме и на реконструкција на опожарените конаци во Трескавец, како и изградба на нови конаци во Зрзе.  Јавноста е запознаена и со проектот за санација и реконструкција на фасадите на амбиенталните објекти од староградската архитектура во Република Македонија, со кој е предвидена интервенција на  фасади од значајните споменични целини во Скопје, Битола, Прилеп, Кичево, Гевгелија, Охрид, Крушево и во други градови. Во контекст на заштитата и презентацијата на богатото културно наследство што го поседуваме,  би сакала да споменам дека во изминатиот период ги реконструиравме и ги збогативме и музејските поставки во голем број градови низ нашата држава. Денеска Музеите во Штип и во Битола имаат извонредни историски, етнолошки и археолошки поставки, Прилеп има впечатлива историска и археолошка збирка,  Музејот во Крива Паланка има и етнолошка и археолошка поставка, ќе ги споменам и Музејот на теракота во Виница, Музејот во Демир Капија, во Свети Николе и многу други.

Република Македонија навистина изобилува со големо и вредно наследство и во овој контекст вложуваме големи напори за негова соодветна заштита, но, сепак, треба да ги земеме предвид и капацитетите со кои располагаат надлежните институции. Стручните лица настојуваат, но немаат секогаш можност да одговорат на сите побарувања низ државата. Ние мораме да работиме според одредени приоритети што треба да произлезат од страна на заводите, музеите, бидејќи тие се надлежни и за градот и за регионот, тие најдобро ги познаваат состојбите на теренот и ја имаат лоцирано потребата од интервенција на оние места каде што има поголема загрозеност.

Сепак, културното наследство е наша заедничка грижа и сите ние, вклучувајќи ги и граѓаните, имаме одговорност за негово зачувување и негово натамошно опстојувања. Сметам дека е потребна исклучително голема будност и еден координиран пристап  за да можеме да им застанеме на патот на сите обиди за кражба на македонското културно наследство. Само така можеме да обезбедиме соодветна заштита на културното наследство и негова промоција.

 

ПРЕС24: Минатата година бевме сведоци на серија кражби по македонските манастири и цркви. Голем дел вредни икони исчезнаа. Јас сакам да Ве прашам, дали постои идеја, стратегија или пак начин како да се заштити културното богатство од кражби?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Како што забележав и претходно, со интегрираниот пристап што го имаме, ценам дека направивме силен исчекор во заштитата на културното наследство од кражби. Но, во делот на македонските манастири и цркви, голема одговорност имаат и Македонската православна црква и црковните одбори кои ги раководат овие објекти и со кои, за жал, во минатото немавме секогаш добри искуства. Како Влада на Република Македонија, прашањето за заштита на црквите и манастирите од кражби го разгледувавме во неколку наврати и на Македонската православна црква и понудивме згрижување на сите вредни икони на едно место со силна безбедносна заштита и финансиска поддршка од државата за изработка на копии на иконите кои би се изложиле во црквите и манастирите од кои потекнуваат овие вредни експонати. Македонската православна црква понуди  решение за депонирање на иконите, и тоа во административниот епархиски центар во Охрид, како и во просториите на поранешното училиште на манастирот „Св. Јован Кристител-Бигорски”, кое дополнително треба да се адаптира во Музеј на Мијачијата.

Сакам да потенцирам дека во меѓувреме, и покрај големиот отпор на црковните одбори, во соработка со македонската православна црква и нашите надлежни институции, спроведовме сериозна акција за  собирање и дислокација на околу 500 вредни икони од селските цркви во струшкиот и во дебарскиот регион од Дебарско-кичевската епархија. Успеавме да ги завршиме повеќемесечните активности поврзани со нивното евидентирање, фотографирање, а е извршен и попис на целиот иконописен фонд.

Исто така, сакам да информирам дека Министерството за култура, по барање на Синодот на МПЦ, одобри средства за конзервација на 20-ина икони кои од страна на стручните лица од областа на заштитата на културното наследство беа посочени како најзагрозени. По нивната конзервација, овие вредни икони ќе бидат изложени во црковните ризници и музеи.

 

ПРЕС24: Има ли Министерството за култура проценка што се недостасува како вредни артефакти? Голем број држави имаат каталог на украдени вредни предмети кој најчесто е дистрибуран до светските антикварници како начин да се евентуално лоцираат тие исчезнати предмети?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Управата за заштита на културното наследство поседува регистар на целокупното културно наследство што го поседуваме и во рамките на таа документација имаме податоци и за украдените артефакти. Република Македонија е во перманентна комуникација со Светската царинска организација чија цел е поттикнување на ефективната соработка, партнерството и размената на информации со другите меѓународни организации, како што се ИКОМ, УНЕСКО и Интерпол, во насока на поефективна борба против нелегалната трговија со културни добра. Во оваа насока, ангажирано и посветено ќе настојуваме и во иднина да изнаоѓаме различни модели за спроведување на сите активности за сузбивање на злоупотребата на културното наследство.

 

ПРЕС24:  Скопје 2014, е една од најактуелните теми во јавноста. Општина Центар презентираше резулати од ревизијата, според кои тврди дека биле ненаменски потрошени 8 милиони евра, претежно за хонорари и дека постапката за избор на леарницата во Италија била сомнителна. Како ги коментирате овие обвинувања?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Сметам дека е некоректно и непринципиелно да коментирам проекти кои не се во надлежност на Министерството за култура. Од моја страна, на прес-конференцијата што беше реализирана во април оваа година во Владата на РМ дадов целосен отчет  поединечно за секој проект кој е во надлежност на Министерството за култура. Исто така, на новинарите им беа поделени и фотокопии од сите договори што се склучени за овие проекти. Искрено сметам дека една мала група луѓе предолго ја злоупотребува јавноста со измислици за проектот „Скопје 2014“ и ја потенцирам подготвеноста на Министерството за култура, за ваквите тенденциозни, злонамерни и неосновани напади, да побара судска разврска доколку има потреба.

 

ПРЕС24:  Што уште останува за доизградба од Проектот Скопје 2014. До каде се активностите, пред се и на Македонската филхармонија?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Во однос на поголемите капитални инвестиции во културата, ги завршивме и ги промовиравме Спомен-куќата на Мајка Тереза, доградбата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Спомен-куќата на Тоше Проески, Музејскиот комплекс на македонската борба, Стариот театар. Во моментов интензивно се завршуваат работите на изградбата на новиот театар во Велес и ентериерното уредување на Археолошкиот музеј. Ќе започне изградбата на Турскиот театар, на Струмичкиот театар и целосната реконструкција на Албанскиот театар бидејќи се завршени сите процедури. Се работи и на проектите околу изградбата на два нови театри, и тоа на местото на Драмскиот театар и на местото на стариот Македонски народен театар.

Во однос на изградбата на концертната сала за Македонската филхармонија, како што ја информиравме и јавноста, настанаа реални пречки при реализацијата на овој проект, како што беше банкротот на изведувачот „Алпине бау“ кој не ја доврши изградбата на  затворената карабина. Направивме, заедно со надзорот, пресек на сите изведени работи и Министерството за култура објави два тендера - едниот за довршување на неизведените работи, а вториот тендер за ентериерното уредување со останатите фази и акустика. Во завршна фаза се постапките за избор на нова фирма која треба да продолжи со реализацијата на овој значаен објект.  

 

ПРЕС24: Неоспорно е дека Скопје 2014, но сите оние објекти кои беа градени изминативе пет шест години честопати од опозицијата беа оспорувани. Оценувани како некапитални и непотребни објекти. Од друга страна пак, анализите покажуваат дека и спомениците и објектите го зголемија бројот на туристи во Скопје. Но, јас сакам да Ве прашам, од денешна дистанца, по изградбите и на музејот на ВМРО, музејот на вода во Охрид, спомен куќата на Тоше, на Мајка Тереза, се исплатеа ли изградбите на овие објекти, остваруваат ли овие објекти приходи?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Сакам да потенцирам дека е огромен бенефитот на сиве овие инвестиции коишто се наоѓаат во проектот „Скопје 2014“ и надвор од него, од економски и социјален аспект, од културно-историски аспект и од аспект на промоција на сето она што го поседуваме како држава. Голем дел од инвестициите од овој проект овозможија раст од 3.6% на годишно ниво на градежните активности во РМ во периодот од 2007 до 2012 година, со вклучување на  многу македонски фирми и голем број подизведувачи, како и фирми од други индустриски гранки во градежништвото. Овие фирми остварија профит и обезбедија  работа  на илјадници работници и нивните семејства. Преку овој проект се реализираа многу вработувања и, што е особено значајно, со изградбата на овие објекти  се намалија трошоците и се остварија заштеди по основа на кирии и закупнини што ги плаќаше државата од буџетот за простори во кои се сместени државните институции.

 Со реализацијата на овие проекти, Скопје прерасна во метропола богата со многубројни знаменитости, обележја кои ја изразуваат суштината на нашата самобитност и кои се симбол на нашиот пиетет кон одредени настани и личности, зданија во кои на посетителите ќе им се понуди дел од нашата историја - атрактивна и привлечна понуда за сите домашни и странски посетители.

Во врска со критиките на опозицијата, уште еднаш ќе напомнам, сакам критика што е конструктивна и ни помага во работењето, но не и критика базирана на паушалности и манипулирање со јавноста. Жал ми е што не можеме да направиме споредба со некои инвестиции од времето на СДСМ во областа на културата. Да имаше такви инвестиции, сега ќе дебатиравме што е подобро, а што не.

 

ПРЕС24:  Што се случува со премиерата во Стариот театар?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Премиерата на претставата „Вечната куќа“ е закажана на 7, 8 и 9 декември, но во истиот месец ќе има уште 9 репризи на оваа претстава. Од јануари театарот ќе си започне со својот репертоар. Јас сум убедена дека публиката ќе ужива во самата претстава и во сите можности што ги нуди сценската технологија. Во изминатите месеци многу интензивно се работеше на подготовката на претставата. Имав можност да присуствувам на повеќе проби за новата премиера и имав можност да ги видам ентузијазмот, енергијата и големите уметнички вредности што ги поседува целата екипа и затоа, искрено сакам да им се заблагодарам за нивниот ангажман и посветеност. Претставата, по својата форма и визуелна естетика, ќе биде на рамниште на продукциите на европските театри. Убедена сум дека премиерата ќе биде голем настан за сите театарски работници во нашата држава, за сите граѓани, но и за многубројните видни гости од регионот и од Европа

ПРЕС24: Националните и регионалните приватни електронски медиуми остро реагираа на законот за филмскиот фонд, особено поради обврската за тие да учествуваат во финансирањето на агенцијата за филмски фонд. Најавија приспитување на законската одредба пред Уставниот суд. Зошто неможевте да најдете заеднички јазик за ова законско решенија? Навистина од каде идејата за тоа телевизите да го финансираат работењето на филмскиот фонд?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Обврската филмската дејност да се финансира, покрај со средства од буџетот, и од други алтернативни извори се применува во многу земји во Европа. За ова сведочат и анализите на Европската аудиовизуелна опсерваторија за 2009 година. Ние применивме начин на финансирање кој е европски етаблиран начин на финансирање. За илустрација ќе посочам дека во Франција дифузерите плаќаат надоместок од 2,5% од нивниот годишен приход, а ваков сличен процент постои и во законодавствата на Белгија, Хрватска, Чешка, Германија и Романија. Свесни сме дека имплементацијата на законското решение ќе се одвива со потешкотии што, впрочем, беше практика и во овие земји кои имаат вакви законски решенија, но сметам дека треба подалекосежно да се гледаат ефектите од овој закон и поволностите што ги нуди за телевизиските организации. Овој закон има неколку бенефити за телевизиските организации. Имено, телевизиските организации ќе имаат право без надоместок да ги емитуваат филмовите реализирани со средства од Филмскиот фонд, а исто така ќе можат, во согласност со овој закон, да го искористат правото кое важи и за нив и за странските продуценти, а тоа е правото на  поврат на средства од 20% за вложени инвестиции во продукција на телевизиски филм, играни серии, документарни филмови и сл. Во овој контекст сакам да напомнам дека со Законот за медиуми, исто така, им се овозможува на националните телевизии кои произведуваат домашна играна и документарна серија поврат на 50% од трошокот до определен лимит.

 

ПРЕС24:  Електронските медиуми сметаат дека на овој начин, слично како и обврската за плаќање авторски права за музика, им се наметнуваат давачки кои ќе го отежнат нивното функционирање.            

 

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Авторското право е приватна сопственост и за користењето на приватната сопственост секаде во светот се плаќа. Сакам да потенцирам дека тарифите што беа претходно донесени имаа нереално високи износи на надоместоци што создаде отпор кај корисниците ( тв-организации, хотели, ресторани) и резултираше со многубројни проблеми во системот на колективното управување со авторското право и сродните права. За таа цел, пристапивме кон измени на Законот за авторското и за сродните права со претходни сериозни анализи, вклучувајќи ги сите засегнати страни, како и тв-организации. Со измените на Законот за авторското право и сродните права, успеавме  да постигнеме баланс меѓу авторите и корисниците во однос на одржливоста на самиот систем за колективно управување.  Исто така,  со измените на Законот за авторско право донесени во септември оваа година се воведе електронска евиденција на емитувани авторски дела, што е од заемен интерес и за авторите и за корисниците. И нешто што е многу важно согласно со измените на Законот, тарифата за висината на надоместоците ќе се носи во демократка постапка, а согласност на истата ќе дава Владата на РМ, која, се разбира, ќе води сметка и за интересите на авторите и корисниците, но и ќе кореспондира со реалната економска состојба во државата.

 

ПРЕС24: Што станува со промоцијата на македонската култура, уметност и археологија пред светската јавност. Годинава имаше неколку такви настани во Брисел, САД, Рим. Дали Министерството за култура има стратегија како да се засили оваа промоција?

КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА: Да, се разбира дека имаме стратегија и еден внимателен и сериозен пристап во контекст на меѓународното претставување. За тоа говорат и резултатите преку кои обезбедивме едно видливо присуство  на македонската култура во сите светски центри, на сите светски настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали. Како што сте веќе запознаени, Министерството за култура во последните години реализираше повеќе комплексни претставувања во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на Република Македонија, земјите–претседавачи со ЕУ, земјите со кои одбележуваме годишнина од воспоставување дипломатски односи, земјите каде што има најголем број македонски иселеници и земјите со кои за првпат сме потпишале билатерални договори.  Во овие држави го претставивме нашето актуелно творештво, но и богатото културно наследство на РМ. Ќе ја споменам големата изложба на артефакти што ја презентиравме во Холандија, во Утрехт, каде што прикажавме голем број навредни икони, златни археолошки предмети, црковен мобилијар и други експонати, изложбата на традиционални костими и накит која ја презентиравме во Брисел и Марсеј, изложбата на старите ракописи во Кралскиот музеј во Мариемонт и, се разбира, претставувањето во САД, со познатиот Археолоџи магазин со кој ги презентиравме најголемите дострели на нашата археолошка наука. Меѓународната презентација останува наш приоритет и во иднина.

06.12.2013 - 11:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега