Пендаровски: Бугарите да им дадат имиња на бугарските клубови кои немаат врска со фашистичкото минато

 

Постоењето на бугарските клубови во земјава не е спорно, но тие  треба да се усогласат со законот за здруженија во однос на нивните имиња, за што течат роковите, вели претседателот Стево Пендаровски.

-Немаме ние потреба да измислуваме начин, затоа што постои закон кој што го донесовме неодамна во нашиот Парламент, со поддршка и на власта и на опозицијата и тоа прилично брзо за македонски услови. Се согласивме околу клучната содржина. Рокот тече, за усогласување во однос на имињата на клубовите, само треба да се почитува законот без да се измислуваат нови механизми за постоење на тие клубови. Тие треба да постојат, меѓутоа треба да ги почитуваат и чувствата на Македонците, на сите македонски граѓани, на сите луѓе кои живеат во Македонија, а најдобар начин за тоа е да дадат имиња на клубовите кои немаат никаква врска со фашистичкото минато, рече Пендаровски на новинарско прашање за коментар за изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за бугарските клубови во земјава со контроверзни имиња.

Со усвоените измени на Законот за здруженија и фондации се оневозможува отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза. Веќе регистрираните здруженија, фондации согласно измените, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби, во споритивно се бришат од Централниот регистар, за што министерот за правда донесува одлука.

Во однос, пак, на честите провокации кои доаѓаат од Бугарија, шефот на државата оценува дека тоа не дава надеж за креирање поволен амбиент меѓу двете земји.

– За жал, тоа е една континуирана политика во изминатите две години, ништо ново. Она што е добро, позитивно во целиот тој галиматијас на негативни вести кои доаѓаат од нашиот исток, е тоа што официјалните државни органи, официјалните бугарски политичари и министри, се држат до една коректна реторика, барем засега. Меѓутоа за жал овие други изјави не даваат шанса за надеж да помислиме дека може да се креира амбиент во кој работава радикално ќе се сврти на подобро. Не би требало да ги има, реагираме на секоја таква провокација по дипломатски пат преку нашето МНР, но повторувам добро е да се држиме до официјалните позиции на претседателот, премиерот иако е таму техничка влада добро е да разговараме што нам ни порачуваат техничките министри, вели Пендаровски.

Советот на ЕУ ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Северна Македонија“. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Северна Македонија, но министрите го одбиле тоа барање.

Во изјава за ДВ, тоа го потврди и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.  – Унилатералната декларација на Бугарија не е дел од заклучоците, и тој нивни поединечен став не беше прифатен од останатите земји, вели Маричиќ.

15.12.2022 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега