Јанкулоска: Безбедноста зависи од сите нас

 

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска на прес-конференција по повод одбележувањето на 9 декември - Денот на превенција, истакна дека безбедноста зависи од сите нас и дека заеднички треба да се грижиме за неа.

- Полицијата е таа која ги има овластувањата и има најголема одговорност околу анализите, проектите и мерките кои се преземаат, но без соодветна поддршка од граѓаните резултатите, што ги посакуваме и јавноста ги очекува од нас не можат да бидат задоволителни. Превенцијата и соработката меѓу полицијата и граѓаните претставува наша стратешка определба со цел доближување до европските стандарди во сите области на работење на полицијата. Со реформите во Министерството, организацијата и надлежностите на полицијата, целосно се насочени, кон развивање на полициска служба, што во соработка со локалното население ќе овозможи подобрување на квалитетот на живеење, заштита на правата и обезбедување мир и сожителство меѓу сите граѓани во Република Македонија, истакна министерката.

За наредната година, Јанкулоска најави проекти за посета на стари лица што живеат во одреден безбедносен реон, неформални средби со граѓани, средби со нови станари и обиколки на згради, разговори и размена на мислења со студенти сместени во студентските домови, состаноци со бизнис заедницата...

- Предвидовме поттикнување и развивање училишни тимови за безбедност во кои директно партиципираат ученици, присуство на полицијата во автобусите, автобуските постојки и пред училиштата. За новогодишните празници отсеците за превенција ќе работат на превенирање пиротехнички средства и огнено оружје под мотото „Среќни и безбедни празници“.  Веруваме дека ваквиот начин на работење е една од основните причини поради кои во анкетите на ОБСЕ, поддршката и довербата на граѓаните е на највисоко ниво во изминатите 12 години, период во кој секоја втора година се испитува јавното мислење на граѓаните, рече Јанкулоска. 

 

05.12.2013 - 13:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега