Орденот за Виктор Орбан значи признание за пријателска Унгарија

 

Денешното доделување на Орденот „8 Септември“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан е всушност признание за се што досега има направено оваа пријателска земја за Република Македонија. Признание за силната поддршка во исполнување на стратешки цели на Република Македонија, и за принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

Одлуката на претседателот Иванов, односно доделувањето на Орденот на Премиерот на Унгарија, е всушност  чин на изразување благодарност до унгарската држава, унгарскиот народ и до сите претходни унгарски лидери.

Унгарија покажа силна поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија, за време на нивното претседавање со Европскиот совет.

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, отворено и во неколку наврати го истакнуваше својот став дека ја поддржува Македонија за отворање на преговорите со Европската Унија и нивно водење паралелно со разговорите со Грција за спорот за името.

 

Во јули 2011 година, Орбан упати писмо до Советот на Европската Унија и до високиот претставник на ЕУ за надовершна политика, Кетрин Ештон, во кое побара отворање на пристапните преговори со Унијата.

 

Во мај 2012 година, Орбан на Самитот на НАТО во Чикаго гласно побара прием на Република Македонија во Алијансата во најкус можен рок.

Критиките кои се појавија во јавноста дека е одликувањето на Орбан со Орденот „8 Септември“  ќе ја одалечи Македонија од ЕУ, пред се поради тоа што станува збор за политичар кој е еден од најкритикуваните во Европа, според експертите кои ги консултираше нашиот портал се неосновани. Дипломатско елементарно непознавање е да се даваат негативни квалификации за легитимно и демократски избран Премиер на пријателска земја. Тоа подразбира непочитување кон мнозинството унгарски граѓани кои го дале гласот за него

Да потсетиме, дека претседателот Иванов со Орден „8 Септември“ го одликуваше и претседателот на Република Полска, Бронислав Коморовски, а во наредниот период, кака што информираат од Кабинетот на Иванов, ќе следи и одликување за претседателот на Чешката Република,  Милош Земан.

Од трите земји од Вишеградската група, на 25.07.2005 година, Владата на Република Полска прва донесе одлука за признавање и употреба на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација. Ваквата одлука ја следеа Унгарија на 10.12.2012 и Чешката Република на 12.02.2013, кога и тие донесеа одлуки за признавање и употреба на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација

 

05.12.2013 - 13:46
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега