Спасов: Ќе го дадеме максимумот за да им се олесни животот на лицата со инвалидност

 

На средбата што ја оранизираше Националниот совет на инвалидски организации во Македонија организирана по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност на тема „ОН Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност – 2 години од ратификацијата, каде сме и кои се нашите цели“, денеска беше истакнато дека треба да се спречи дискриминацијата и да се овозможи подобар пристап до образованието поголема здравствена и социјална заштита, пристапност до сите институции  и установи, зголемување на бројот на толкувачи за лицата со инвалидност.

Бранимир Јовановски од Советот на лица со телесен инвалидитет смета дека е неопходно да се надминат пречките со кои се соочуваат лицата со телесна инвалидност во однос на пристапноста до институциите, образовните установи, здравствените установи: - Основата е пристапноста, бидејќи оттука почнуваат сите други проблеми, односно неможноста за образование, вработување и комплетна инклузија и социјализација во сите општествени пори, рече тој.

Од своја страна и претседателот на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост, ПОРАКА Чедомир Трајковски смета дека е потребно подигнување на јавната свест за правата и потребите на овие лица. Како позитивен пример ја посочи последната одлука на Владата за вработување 300 лица со инвалидност.

Претседателот на Националниот совет на инвалидски организации Васко Марков истакна дека во изминатите години работите се движат кон подобро, но посочи дека е многу важно напорите во иднина да се зголемат и на овие лица да им се понудат услови за подобар живот.

И министерот за труд и социјала денеска истакна дека грижата за овие лица не треба да се покажува само на овој ден, туку, како што рече, постојано треба да се дава максимумот да им се помогне и да им се олесни животот.

- Состојбата никогаш не може да биде идеална, но ние како Влада и надлежно Министерство и во наредниот период ќе го даваме својот максимум континуирано да ја подобруваме состојбата на лицата со инвалидност. Тоа ќе го правиме и во комуникација  со останатите инстутуции за да овозможиме поголеми поволности за овие лица. Со стопанските комори, пак , сме во разговори за формирање посебен фонд кој ќе служи за помош и поддршка на лицата со различен вид и степен на инвалидност, рече Спасов.

- Во завршна фаза е дневниот центар за деца со аутизам, се преземаат градежни активности за дневни центри за деца со пречки со развој во Струмица и деца со оштетен вид и слепи деца во Скопје. Наредната година ќе се отворат уште дополнителни три со што значително ќе се зголеми просторот каде овие децата ќе можат да го поминуваат своето време, додаде Спасов.

03.12.2013 - 13:55
Фото: 
влада.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега