Попоски: Македонија економски е на брза линија но политички е спречена да биде дел од ЕУ

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски престојува во дводневна посета на Брисел. Тој денеска се обрати на  12-тата конференција “Западен Балкан: Брза и спора линија” во организација на невладините организации “Пријатели на Европа” и “Конрад Аденаур Штифтунг”. 

Попоски во совеот обраќање истакна дека  има силна дискрепанца меѓу брза и спора линија за пристапување кон Европската унија, како на политичко, така и на економско ниво, а искуството последните години покажа дека нема секогаш координација меѓу нив: - Во овој случај, тоа тогаш значи дека не сме на брза линија. Од друга страна, сериозни реформи кои се бараат од ЕУ-интеграциски процес, ако нема политички модел, Македонија е пример за успех од многу аспекти. Економските димензии со кои сите се преокупирани во Брисел во однос на долгот и макроекономската стабилност и покрај предизвиците со кои се соочуваме во регионот, Македонија ги исполнува и има стабилна валута, но и е земја што има еден од најниските јавни долгови, односно четврти најнизок јавен долг на ниво на Европа, посочи Попоски.

Министерот потенцираше дека Македонија има екстремно отворена економија, 40 проценти од БДП е од увоз и извоз, како и дека покрај Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, Македонија има договор за слободна трговија и во рамки на земјите од ЕФТА и ЦЕФТА, како и со Турција и Украина.

- Затоа велам дека годиниве многу работи се случија. Некои реформи поврзани со ЕУ се природни, па ако немате ефикасно судство, тогаш тешко ќе привлечете инвеститори. За успешноста на Македонија во однос на можностите што како земја ги нуди за бизнис се индикаторите од рангирањето за “Дуинг бизнис” на Светската банка, каде од повеќе од 100 места пред неколку години, денеска Македонија се наоѓа на 25. место. Тоа не значи дека е задоволувачка позиција за нас оти има прашања со невработеност кои мора да ги решаваме на долг рок, посочи шефот на македонската дипломатија.

Тој посочи дека од 2000 година е формулирана т.н. Лисабонска стратегија и на тоа ниво работите се менуваат.

- Како брзо ќе достигнеме зависи и од земјите-членки, при што некои веќе се напред на тоа ниво, па затоа брза или спора линија е есенцијално прашање кое е зависно каква е испораката во клучни области за реформи. За Југоисточна Европа да се прошири како интегриран пазар ни трбеа помалку опструкции за прекугранична соработка. Многумина коментираат дека Балканот е регион, кој продуцира повеќе историја отколку што може да поднесе, што е специфична ситуација во Европа. Но, сите ние сериозно ги земаме зборовите на комесарот за проширување Штефан Филе за фокусирање на реални реформи оти ниту една цел за ЕУ-стандарди и членство за десет години во Унијата нема смисла за сите нас, заклучи Попоски.

03.12.2013 - 13:42
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега