Закажана нова вонредна седница на Советот на Град Скопје

 

Скопје денеска остана без јавен превоз откако возачите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје денеска се собраа со протест да го изразат незадоволството поради тоа што не им е исплатена септемвриската плата. За денеска во 13 часот повторно е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје, откако вчера советниците побараа од градоначалничката Данела Арсовска да достави одлука за прераспределба на средства за платите на вработените во ЈСП.

Претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП Африм Муча е дециден дека нема да има превоз се додека не им се исплати септемвриската плата.

– Се додека не се исплати платата, ќе бидеме во гаража. Дојдени сме сите вработени од прва, втора и трета смена, вели Муча во изјава за МИА.

Посочува дека вработените се собрани спонтано незадоволни од менџерскиот тим бидејќи платата не е исплатена во законски утврдениот рок.

– Платата доцни пет дена. Ако го гледаме законскиот рок плата треба да се исплати до 15-ти. Меѓутоа, се надминаа сите рокови, денеска сме 20-ти, така што спонтано сме излезени сите од 4 часот наутро и протестираме за платата, вели Муча.

Во однос на прашањето поврзано со писменото соопштение на ЈСП – Скопје во кое се тврди дека „дваесетина луѓе од ССМ и Независниот синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи“, дека немаат штрајкувачки одбор и дека „Град Скопје ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани“, Муча ги отфрли ваквите тврдења посочувајќи дека се собрани спонтано бидејќи, како што посочи, со празен стомак не се работи.

20.10.2022 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега