ЈСП нема да штрајкува утре, им било ветено дека платата ќе им биде исплатена
Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП денеска попладнево на состанок одлучи утре вработените да не ја прекинуваат работата, со оглед на тоа што им било ветено дека ќе им биде исплатена заостанатата плата. Но, велат од Синдикатот, доколку платата не биде исплатена во текот на утрешниот ден, во среда ќе организираат протест и ќе ја прекинат работата.
–Утре граѓаните на Скопје ќе имаат јавен градски превоз, бидејќи ни беше ветено дека платата ќе ни биде исплатена утре. Во изјавата што ЈСП Скопје ја испрати соопшти до сите медиуми, а не до нас синдикатите, тоа беше најавено, но ние сакавме да знаеме дали прецизно тоа ќе биде направено во вторник, изјави попладево за МИА претседателот на Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските на Република Македонија (СРСВМ) Миќо Стојановски.
Ако тоа не се случи, појасни Стојановски, ќе имаме општ протест на вработените во среда во 11 часот.
–Ќе направиме протест во среда, за да имаме време согласно Законот за штрајк за јавни претпријатија да се подготвиме, да го најавиме за да немаме ниту ние реперкусии, ниту надлежните органи, а ниту нашите корисници на услуги, рече Стојановски.
Тој претпладнево изјави дека многу долг период наназад доцни исплатата на платата, поради одредени причини. Како што рече, веќе 35 дена немаат примено плата.
-Ние во ЈСП ги сервисираме и возилата на Противпожарната бригада на Скопје и на Градот Скопје. Зголемен е и обемот на работа, меѓутоа обврските Градот Скопје кон нас перманентно со месеци и години не ги извршува. Сите одлуки на Советот на Град Скопје за зголемување на автобуски линиии, за зголемување на обем на работата ние ги почитуваме, а 60 отсто од нашите корисници се бенифицирани корисници, пензионери, ученици, студенти… и ние всушност не остваруваме приход, не сме профитабилна фирма, додаде Стојановски.
Од ЈСП денеска соопштија дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и оти нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз. Очекуваат дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието.
-Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници, соопштија од ЈСП Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа