Општина Аеродром со конкретни мерки за целосно искоренување на корупцијата
Со анализа, препораки и соочување на мислењата на експертите и вработените во разни сектори од општинската администрација, Општина Аеродром презема конкретни чекори кон целосно искоренување на корупцијата.
Со таа цел, денеска во просториите на Општината се одржа обука за вработените, заснована врз истражувањата на експертски тим од претходните неколку месеци, како дел од заедничкиот проект „Создавање европска општина – политика на интегритет за 0 корупција“, а во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Правникот факултет „Јустинијан Први“ и Општина Аеродром.
Обуката, како што информираа од Општината, ја отвори претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, кој ѝ се заблагодари на Општина Аеродром за заедничката иницијатива и Прирачникот за интегритет на Општина Аеродром „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“.
Тој нагласи дека суштински е проектот да биде реализиран во соработка со вработените во локалната самоуправа и како денес да се понуди соодветна обука. Граѓаните и локалната администрација се, всушност, даночни обврзници, од една страна, и оние што им нудат услуги на даночните обврзници, од друга страна.
Во анализата и обуката се вклучија и професорите од Правникот факултет „Јустинијан Први“ – Александар Спасеновски, Ана Павловска-Данева и Константин Битраков. Во рамките на обуката експертскиот тим ги посочи ризиците, а предложи и мерки и активности за намалување на детектираните ризици.
-Обезбедување општина со нула корупција беше лична заложба на градоначалникот Тимчо Муцунски во кампањата на последните локални избори, а претставува клучен предуслов за функционална и ефикасна општина. Овој проект е сериозен симболичен почеток на еден нов начин и нов систем на функционирање на општините, којшто ние како општина сакаме да го наметнеме, велат од Општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа