Звонко Шаврески: Секој од нас има одговрност - без разлика дали е со хендикеп или не
Press24:Како што знаеме, Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на ООН во 2011 год. Извештај за нејзината инмплементација се поднесува во рок од 2 год. по ратификацијата. Вие како учесник во изготвувањето на текстот на Конвенцијата, како ја оценувате нејзината досегашна имплементација?
Шаврески: Македонија треба да го поднесе првиот основен извештај и тоа е извештај за оценка на имплементацијата на Конвенцијата на национално ниво, кој се поднесува на секои две години, како што споменавте. Чекаме да поминат тие две години (има уште два месеци до рокот во кој државата треба да го поднесе извештајот до Комитетот на ООН), а потоа ќе може да ја оцениме улогата на државата во поглед на процесот на имплементацијата на овој меѓународен документ. Ако доцни државниот Извештај за имплементацијата на Конвенцијата, ние во соработка со други невладини организации, ќе направиме паралелен извештај, а ако го имаме владиниот извештај ќе направиме Извештај во сенка. Ете така ќе цениме.
Press24: Сепак, пред поднесувањето на извештаите, каков е Вашиот впечаток во однос на нејзиното инкорпорирање во македонското законодавство?
Шаврески: Институциите работат на ова прашање. Но, прашањето на хендикеп не е само надлежност на МТСП. Сепак имплементацијата на Конвенцијата треба некој да ја искоординира, а тоа е улогата на ова министерство. Затоа во текстот на Конвенцијата, во член 33, е предвидено да има Национален механизам за мониторинг кој ќе се труди да ја искоординира нејзината имплементација. Останува државата да направи систем за мерките кои што чинат пари, енергија и човечки ресурси (систем кој некои луѓе можеби и нема да го дочекаат) да фатат „корени“ и да донесат „плодови“, се разбира, колку што е можно поскоро.
Press24:Со поддршка на Прогрес програмата на ЕУ, Полио Плус во соработка со други чинители и организации, спроведува сет на активности за подигање на свеста на граѓаните за спречување на дискриминација, како во однос на лицата со хендикеп така и на општо ниво. Дали сметате дека системот за заштита од дискриминација во РМ е соодветен?
Шаврески:Сметам дека системот за заштита од дискриминација сè уште не е воспоставен целосно и поради тие причини не може да се оценува дали е соодветен. Сè уште е рано бидејќи во 2010 год. се усвои Законот за заштита од дискриминација и сега се формира систем, се формира Комисија, луѓето работаат, но немаме доволно параметри, индикатори и немаме доволно активност за целосно да се оцени работата на тоа тело. Очигледно е дека соодветниеот закон треба да претрпи некои измени. Мислам дека напредуваме, ама бавно.
Press24:Како го оценувате малиот процент на претставки поднесени од лицата со хендикеп до КЗД за дискриминацијата кон нив по основ на ментален и телесен хендикеп?
Шаврески: Во основа мал е процентот на поднесени претставки по однос на сите основи на дискриминација, земајќи ги предвид и тие каде што Комисијата е ненадлежна да дејствува. Опсегот на работа на Комисијата засега е сè уште мал. Стотина претставки поднесени на годишно ниво може да индицираат дека во државава нема дискриминација, но тоа може да значи и дека луѓето не се свесни дека се дискриминирани и дека не знаат каде да се жалат. Очигледно е дека треба да се работи на подигање на свеста по ова прашање.
Press24:Во таа насока, како би ја оцениле Вашата соработка со институциите на системот глобално, но и од аспект на реализацијата на овој проект кој го спроведувате заедно со МТСП?
Шаврески: Ние имаме долгогодишна соработка со МТСП и тоа на неколку нивоа: и во процесите на донесување политики, но и при реализацијата на тековни активности, а во насока на совет и помош за донесување мислење по однос на одредни прашања и проблеми. Нашата улога е ние да бидеме „watch dog” („кучиња чувари„, некои што алармираат на одредени состојби), а улогата на Владата е да направи систем кој функционира. Имаме мал проблем тука, бидејќи секој влегува во некоја туѓа улога. Пример – Министерството спроведува кампања „Се грижиме за топол дом“ преку собирање на донации од граѓаните, што мислам дека не е нивна работа. Тоа е работа на невладини организации, на фондации, на цркви. Работата на МТСП е да направи систем за социјална заштита, а не да прибира донации во облик на стари ќебиња или јакни. Од друга страна работата на невладините организации не е да прават паралелен систем преку формирање на центри од најразличен тип. Работата на невладините е да алармираат, да посочуваат и да „лаат“ на секаква неправилност. Но, исто така сметам дека тие невладини организации кои сакаат да работат на конкретна проблематика ќе треба да бидат поддржани од МТСП. Сега сме во ситуација во која секој секому му влегува во „бавча“. Треба секој да работи и во улога на потсетник кога оној другиот „задремал„ или „заталкал„ во својата работа.
Press24:Оваа година едно од актуелните прашања е вработувањето на социјално ранливите групи меѓу кои и лицата со хендикеп. Како ги оценувате најновите мерки за вработување на лицата со хендикеп во администрацијата, како и најавите за нови измени на Законот за вработување на инвалидни лица?
Шаврески: Ова прашање не скорешно, ниту пак е иницирано оваа година затоа што вработувањето е секогаш алармантна состојба. Во РМ конечно оваа година се дојде до некаков индикатор дека невработеноста паднала под 30%, но тоа сè уште значи дека сме на прво место по нивото на невработеност во Европа. Кај лицата со хендикеп според нашата проценка на состојбите на терен, бидејќи нема официјална статистика, тој процент изнесува над 60% невработеност. Во делот на измените, МТСП се согласи на комплетна ревизија на системот за вработување на лица со хендикеп и тоа беше најавено уште на 30-јануари 2013 год. од страна на поранешниот министер. Новиот министер исто така се согласи да ги реализира измените. Какви законски решенија т.е. предлози за измена ќе дојдат пред Собранието ќе видиме. Очигледно мора тука нешто да се менува. Треба од систем на заштитно вработување да се премине во систем на вклучување на лицата со хендикеп на отворениот пазар на трудот, но сепак со примена на позитивна дискриминација. Затоа треба да се воведе квотен систем, ситем на „празен стол“. Таквата практика треба да се вгради и во конкретен систем. Често пати преземените мерки навидум се добри кога се разгледуваат поединечно. Но, кога се гледаат во склоп на системот не секогаш се функционални. Може некое „каменче“ како дел од „мозаикот“, супер да изгледа, но ако е распоредено на погрешно место од „мозаикот“ може да ја нагрди целата слика и да не го даде соодветниот ефект и покрај целиот вложен напор на луѓето и парите што се потрошиле.
Пример: Новиот додаток за мобилност и слепило е супер како мерка, но дестилмулира вработување на лица со хендикеп, затоа што тие седејќи дома лицатата со хендикеп ќе земаат повеќе пари отколку кога би се вклучиле на пазарот на трудот. |
Press24:Во 2005 год. ја реализиравте првата успешна граѓанска иницијатива за донесување на Системски закон за правата и достоинството на лицата со хендикеп. Во 2006 год. за првпат во историјата на македонскиот парламентаризам од СРМ до сега, успеавте да доставите граѓанска иницијатива до Парламентот за донесување на Системски закон за правата и достоинството на лицата со хендикеп. Оттогаш следуваа уште две иницијативи. Двете беа одбиени од Собранието, само вашата лебди во воздух – ниту се одбива ниту се прифаќа, во што е проблемот? Зошто не дадовте гол?
Шаврески: Е ајде де, во што е проблемот? Неупатените можеби не знаат, по стравот од успешната реализација на нашата граѓанска иницијатива, Собранието во 2006 год. го смени Законот за граѓанско изјаснување и направи редица потешкотии за граѓаните да не можат толку лесно граѓански да се изјаснат. И веројатно таквото решение вроди со плод затоа што потоа имаше редица иницијативи, но ниедна од нив не можеше да собере 10 000 потписи. Притоа мора да се спомене дека тој цензус од 10 000 потписи е највисок тука во регионов. Значи имаме држави како Србија со скоро 8 милиони жители што има цензус од 15 000 потписи. Значи цензусот кај нас е највисок во опкружувањево, а приликите за изјаснување на граѓаните се уште поотежнати. Но тоа е така затоа што како што велиме ние - ниту Јован без земја сакал да има Парламент, ниту пак Парламентот сака граѓаните да му кажуваат што би сакале. Значи ние сепак дадовме гол, затоа што тоа беше првата успешна граѓанска иницијатива, само што „голот„ административно не ни е признаен, за сега.
Press24:Кои се Вашите три препораки кои би сакале да им ги дадете на граѓаните со хендикеп, доносителите на одлуки и другите чинители со цел поголема независност и достоинствен живот на оваа категорија граѓани?
Шаврески: Прво, каде лежи „зајакот“? Тој е во „дувлото“ – значи првиот проблем е кај лицата со хендикеп и нивните родители. Првата моја препорака е дека „дувлото“ мора да се „проветри“. Мора да има нов приод од родителите во начинот на кој се гледа на децата со хендикеп. Потоа е патеката. Патеката е вклучување – во предшколскиот систем, во образовен систем, во тотална рехаблитација, колку што е тоа возможно и во зависност од степенот и видот на хендикеп. За патеката има едно просто правило дека ако си со хендикеп сè е помножено со 2 т.е. сè е двапати подолго и двапати потешко во споредба со другите, ама ако имаш цел тоа 2 помножено со 2 не е неостварливо. Сега доаѓаме до „шумата“ т.е. општеството. Значи „пилињата“ излегуваат од „седелото“ и одат по патеката и сега треба да си ги заземат „гранките“, позициите во општеството според нивните способности што ги имаат. Дури и да не можат да ја искористат можноста, треба да им се даде шанса бидејќи хендикепот не е во лицето, туку е само ‘амбис’, празен простор меѓу лицата со некакво оштетување и општеството.
Press24:Во изминатите 14 год. Полио Плус активно се бори за еднаквост и права за лицата со хендикеп. Каква е соработката со другите организации на лицата со хендикеп? До каде сте на патот, има ли плодови од вашата активност, вредеше ли сиот тој напор???
Шаврески: Видете, 14 години може да делува како вечност, но и како милисекунда. Секако дека вредеше целиот напор и повторно да треба да се родам повторно тие 14 год. би ги посветил на ова прашање. Во секој случај ова немаше да биде возможно без сите луѓе кои активно придонесуваа и придонесуваат во овој процес. Што се однесува на соработката состојбата е многу слична како и во другите области овде на балканот, културно, политички, национално - секако. Кај нас долго време лицата со хендикеп се организираа во сојузите поделени по дијагнози (слепи, глуви, физички...). Со донесувањето на Законот за здруженија на граѓани и фондации во 1998 започнаа да се формираат нови здруженија на лица со хендикеп. И така настана поделба на т.н традиционални и нови со различен пристап и гледање на проблемот (кој е ист). И нормално е тука да има анимозитет. За проблемот да биде поголем тука се вклучува и државата со различно третирање на овие две групи, па така на оние „традиционалните„ Владата им дели по 54 милиони денари (скоро милион евра со другите давачки), а на оние „новите“ нула (ништо). Сето ова ми личи на онаа позната римска стратегија divede et impera (раздели па владеј). Оваа состојба на долг рок создава невозможност организациите на лица со хендикеп да изградат единствен глас по клучните прашања кои ги засегаат. Но се надевам дека скоро, едните или другите ќе сватат што се случува и дека ваквата неправда ќе биде разрешена.
Press24:Дали сметате дека „топката“ покрај на национално ниво, треба да биде спуштена и на локално ниво?
Шаврески: Сметам дека не само на локално ниво, прашањето на хендикеп треба да се разгледува дури и на индивидуално ниво, затоа што секој од нас си има одговорност и има улога без разлика дали е граѓанин со хендикеп или не, и без разлика на неговата општествена позиција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа