Кас Грање: Нема опасност ЕУ да ја повлече препораката за Македонија

 

Мислам дека нема опасност Советот на ЕУ да ја повлече препораката за почеток на преговорите со Македонија. Ова денеска го изјави директорката на Директоратот за проширување на ЕК Александра Кас Грање.

- Нашата позиција е многу јасна. Што ќе се случи во Советот ќе видиме. Дискусиите се во тек, меѓутоа не мислам дека постои опасност Советот да ги повлече препораките или нешто слично во овој момент, изјави Кас Грање, која заедно со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими потпишаа спогодби за финансирање на реформите и меѓугранична соработка.   

Од своја страна, Бесими повтори дека Република Македонија во однос на ЕУ и евроатлантските интеграции има дефинирано јасен став. 

- Меѓутоа, тоа што останува важно е дека реформската агенда и членството во ЕУ е пред се интерес на граѓаните. Ние ги правиме реформите за нас самите. Токму од овие причини нашата определба за ЕУ останува цврста независно од исходот на Советот на ЕУ. Отворено кажано во Советот на ЕУ се одлучува врз основа на консензус и тргнувајќи од тоа во ситуација кога дел од земјите-членки на ЕУ се уште имаат свои видувања во однос на започнување на преговорите, не можеме во овој момент да кажеме дека со сигурност препораката на ЕК оваа година ќе добие зелено светло. Во никој случај ова не значи дека Македонија ќе одбере друг пат. Македонија има единствен пат-рамноправна членка на ЕУ и во НАТО, рече Бесими.

Во Извештајот се препорачува Македонија да влезе во втората фаза, вели Бесими и останува, додава тој, нашата определба во однос на исполнување на сите обврски.

- Сметам дека креативноста на институциите во РМ и во ЕК во однос на одржување на процесот е актуелен затоа што е интерес на РМ и интерес и концепт на Унијата за проширување со земјите од ЈИЕ и Западен Балкан. Во наредниот период ќе се разгледуваат сите опции како процесот да покаже напредок во однос на формалните аспекти од втората фаза. Затоа како и во однос на преговорите имаме интензивна дипломатска агенда како со институциите на ЕУ така и со нејзините земји-членки, рече вицепремиерот.

Кас Грање изјави дека не гледа знаци дека е можна дестабилизација на земјата на етничко ниво.

– Всушност сметаме дека ова е една од најстабилните коалиции во регионот помеѓу двете етнички заедници кои соработуваат заедно, рече таа.

26.11.2013 - 14:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега