Пицула: "Божјата машина" на американската дипломатија може да го реши спорот со името

 

Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Тонино Пицула, денеска за МИа истакна дека во спорот за името кој долго време се води меѓу Македонија и Грција, американската дипломатија треба да се појави како „Deus ex machina”  или Божја машина за да се стави крај на проблемот.

- Неколку пати сум се изјаснил околу тоа што би требало да се направи за Македонија да излезе од оваа претерана и повеќегодишна блокада. Хрватска имаше сличен проблем оти исто така една наша соседна земја, од свои национални интереси, ја блокираше Хрватска на нејзиниот пат за членство во Европската унија. Тогаш како “Deus ex machina” (Божја машина) на сцена се појави американската дипломатија и се реши спорот. Токму тоа им го препорачав на моите македонски колеги кога пред повеќе од еден месец ипол бев во Скопје. Треба да се насочи концентацијата и на ваков еден начин на отклучување на оваа брава што ЕУ ја стави пред Македонија и целосно незаслужено ја држи земјата со години во идентична позиција, потенцира Пицула.

Тој додава и дека поддршката која земјава ја има за влезот во ЕУ е автентична.

Ексминистерот за надворешни работи на Словачка и известувач во сенка во Европарламентот за Македонија, Едвард Кукан, пак, потенцира дека ја дели фрустрацијата на македонскито народ и политичарите во нашата земја што земјата веќе петта година неправедно се спречува да ги почне пристапните прегови.

- Се согласувам со генералната директива во предлог-Резолуцијата на Ричард Ховит и го поддржувам повикот на Советот да одреди датум за отворање на преговорите со Македонија без понатамошно одложување. Лично ја делам фрустрација од тоа што земјата добива на иста порака последните четири години, но не напредува. Овој извештај сигурно ќе ја стимулира дискусијата оти верувам дека таква дискусија е потребна за придвижување напред, потенцира Кукан.

26.11.2013 - 13:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега