Цариниците годинава со полни раце работа - заплениле 800 килограми дрога
Македонските цариници од почетокот на годинава дефинитивно биле со полни раце работа. Како што информира директорот на Царината, Ванчо Каргов,пред учесниците на меѓународниот состанок на раководители на служби за разузнавање и истраги на царински управи од 40-ина земји од европскиот регион, во соработка со полицијата од почетокот на годинава се спроведени над 30 акции во кои се запленети околу 800 килограми наркотички дроги.
- Се презентираат царинските активности во борбата за спречување нелегална трговија со наркотички дроги, фалсификувана стока и цигари, како и со културно наследство, што во Македонија е многу актуелно, изјави Каргов.
Според него, соработката и размената на информации помеѓу царинските служби со останатите институции во и надвор од државите се многу важни за зајакнување на капацитетите за организирано постапување при спречување на нелегалната трговија. Исто така, важни се и информациите што може да ги даде бизнис заедницата, рече Каргов.
Директорот на Државниот царински комитет на Азербејџан Ајдин Алиев укажа на улогата на цариниците во борбата со нелегалната трговија со предизвиците што ги носи глобализацијата.
- Ретко кој го претставува цариникот како некој што седи зад компјутер и прави статистика. За сите сликата на цариникот е човек кој води активна борба со шверцот и недозволената трговија со дрога и други активности, рече Алиев.
На состанокот претходеше отворање изложба со слики и предмети од најинтересни заплени на дрога на Царината на Азербејџан, како и изложба за заштита на културното наследство на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа