Ап Симха: Не се откажуваме од проектот за млекарницата кој ќе донесе среќна иднина на 2.000 семејства
Ап Симха, одговорниот менаџер за проектот „Сахара млекарница“ кој треба да се гради во Овчеполскиот регион, во разговор за Утрински весник, вели дека Сахара не се откажува од проектот за млекарницата и веќе има изготвено план како ќе функционира целиот овој систем.
Точно знаеме како ќе изгледа и како ќе функционира целиот овој систем кој ќе вработува 2.000 лица. Постапуваме согласно со законите на Република Македонија кои не' обврзуваат да не смееме да чуваме стока на оддалеченост помала од 1,5 километар од населено место. За да обезбедиме заокружен процес на производство на млеко, треба да изградиме три работи. Тие три работи се живеалишта за кравите (фарми), фабрика за сточна храна и млекарница. За кравите е неопходно земјиштето да биде рамно и да има вода. Исто важи и за земјиштето кое ќе го обработуваме. Тој услов на теренот го имаме. Определивме четири локации за изградба на фармите, две од тие четири се приоритетни. Првата, најголема и најповолна локација, зафаќа површина од 96 хектари и може да прифати 20.000 крави. Овде некои го поставуваат прашањето од каде толку вода за кравите ако се знае дека едно грло дневно пие по 200 литри вода. Извршивме хидрогеолошки истражувања за да видиме со колку подземни води располага теренот, а првите наоди се оптимистички. Треба да се знае дека искористените води повторно се враќаат во земјата и се создава еден затворен систем кој насекаде во светот одлично функционира, вели Симха за Утрински весник.
Тој додава и дека скептиците кои не веруваат во инвестицијата ќе бидат демантирани на најдобар можен начин.
-Бидејќи кравите нема да бидат врзани и ќе можат слободно да излегуваат од покриениот дел, за нив ќе имаме и отворен дел од 24.000 квадратни метри. Во надворешниот дел ќе има лагуна, а во непосредна близина ќе биде и складиштето за сточната храна. Инаку, оваа сорта на крави дава од седум до десет илјади литри млеко за 300 дена колку што кравите се молзат“, појаснува првиот човек на „Сахара млекарница“.
Инаку, млекарницата ќе биде лоцирана во близина на селото Каратманово.
- „Сакам македонската јавност да знае дека поради големите температурни разлики што владеат во овој регион, нашите фарми ќе бидат целосно климатизирани. Кравите ја намалуваат млечноста ако температурата во фармите е над 25 Целзиусови степени“, додава Ап Симха.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа