Продолжува Третата светска конференција за меѓурелигиски дијалог
Со три пленарни сесии за религијата и различностите претпладнево ќе продолжи Третата конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која годинава се одржува во Скопје и на тема „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.
На панелите ќе бидат отворени темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција“, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“.
На вториот ден од конференцијата ќе биде одржан и Форум за млади, на кој ќе се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Тема на форумот е „Улогата на религиите во градењето толерантна младина“. Ќе учествуваат претставници од трите генерации на Школата за млади лидери која се организира под покровителство на претседателот Иванов.
- Целта на форумот е да ги актуелизира младите како клучен фактор во градењето на меѓурелигиска толеранција. Фокусот на дискусиите ќе ги опфати практиките и искуствата за работа со младите во мултирелигиозни, мултиетнички и мултикултурни средини, улогата на младинските невладини организации во создавањето вредносни системи кај младите, како и аспектот на социјалните мрежи, младите и духовноста, информира Кабинетот на претседателот на Република Македонија.
Шефот на државата, заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ќе се обрати и на затворањето на конференцијата, која ќе заврши со усвојување декларација што ја подготвија Меѓународниот комитет и Националното координативно тело за организирање на настанот.
На конференцијата денеска ќе бидат одбележани трите јубилеи на кои таа е посветена: 1700 години од Миланскиот едикт - добивање слобода на христијанството; 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир, инициран од покојниот претседател Борис Трајковски во 2003 година.
Пред официјалното затворање и усвојување на декларацијата, ќе биде избран и меѓународен организациски комитет за следната, четврта светска конференција за меѓурелигиски дијалог.
За разлика од првите две конференции во 2007 и 2010, кои се одржаа во Охрид, третата се одржува во Скопје. Учествуваат околку 250 домашни и странски верски претставници и професори теолози.
ФОТО: Сител