На проблемите им дојде крај - Кавадарци и Росоман добија нов водоводен систем

 

Во Кавадарци денеска официјално беше пуштен во употреба новиот водоснабдителен систем Кавадарци-Росоман. Инвестицијата за овој капитален зафат изнесува 2,3 милиони евра, од кои најголемиот дел се средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија, а со помал дел учествуваат општините Кавадарци и Росоман.

За водоводниот систем веќе е направен тиролски зафат за зафаќање на доплнителни 150 литри во секунда вода од речното корито на реката Луда Мара доводен цевковод со вкупна должина од 9.727 метри и пречистителна станица за вода за пиење.

Процедурата за изградба на овој водоводен систем стартуваше во 2010, првичните активности започнаа минатата година за оваа година веќе да финишира изградбата.

- Со денешниот настан се одбележува затворањето на едно децениско прашање кој го мачеше овој регион на државата. Знаејќи го значењето и приоритетот на решавање на овој проблем како Влада вложивме напори да изнајдеме средства со кои се изгради новиот водоснабдителен систем, рече премиерот Никола Груевски, кој официјално го отвори водоводниот систем.

Тој истакна дека жителите на Кавадарци и РОсоман конечно ќе се ослободат од пробблемот со водоснабдувањето.

- Повеќе години наназад многу градоначалници и влади зборуваа за проблемот со водата во Кавадарци и Росоман. Имаше и такви кои ветуваа решавање на ова прашање, но како и за многу други работи изборите поминуваа, ветувањата се забораваа, а граѓаните и понатаму живееја со овој проблем, рече премиерот Груевски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека со градоначалниците на двете општини подолго време дискутирале за проблемот со водоснабдување како еден од горливите проблеми за Кавадарци и Росоман.

- Со овој водовод конечно целосно ќе се реши проблемот со водоснабдување на Кавадарци и Росоман и ќе одат во историја рестрикциите со кои се соочуваа кавадарчани, како и проблемот со немање вода за пиење во Росоман, истакна Јанакиески, додавајќи дека водоснабдителниот систем за Кавадарци и Росоман е дваесеттиот завршен проект од предвидените проекти за реализирање на водоводни и канализациски системи низ Македонија во вредност од 50 милиони евра.

Градоначалниците на Кавадарци и на Росоман, Александар Панов и Стојанчо Лазов, се заблагодарија на премиерот Груевски и Владата за рашавањето на деценискиот проблем со кој се соочуваа нивните граѓани.

24.11.2013 - 14:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега