Брза помош се судри со автомобил на Партизанска - превезуваше 4 годишно дете
Сообраќајна несреќа на Брза помош и автомобил Пасат со странски регистарски таблички. Возилата се судриле денеска неколку минути пред 15 часот на раскрсницата меѓу булеварите Партизански одреди и Октомвриска револуција. Според информации на zdravstvo24.mk амбулантското возило имало вклучено ротационо светло. Екипата превезувала 4 годишно болно дете кое од ГОБ 8-ми септември требало да биде транспортирано на Клиниката за детски болести. Детето е во стабилна состојба и без повреди. Го спасила медицинската сестра која во моментот на несреќата ја испружила раката детето да не ја повреди главата. Таа завршила на Ургентен со гипс на раката. Во Ургентниот центар на скопските клиники помош им била укажана и на лекарката од службата за Итна медицинска помош како и на возачот. Докторката имала потрес на мозокот, а возачот е со полесни повреди и е во стабилна состојба. Сите тројца се пуштени на домашно лекување, велат за zdravstvo24.mk лекарски извори. Четири годишното дете со друго амбуланстко возило на службата 194 веднаш било пренесено на Детската клиника каде требало да биде лекувано, но нема последици од сударот. Во сообраќајката биле повредени и двете лица кои биле во Пасатот. Причините за несреќата треба да ги утврди полицијата која извршила увид на местото на сообраќајката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа