Намален бројот на млекопроизводителите за 90 отсто во последните шест години во кичевско
Иселувањето на жителите од кичевско и заминувањето во странство негативно се одрази и врз млекопроизводството во овој регион. Се помал од месец во месец е бројот на земјоделско население, а тоа најдобро го отсликува и бројот на кооперанти кои произведуваа млеко и кои за неполни шест години се намалија за 90 проценти и од 60 кооперанти останаа само шест, потврди Енвер Алими, сопственик на најголемата фарма за производство и откуп на млеко во Кичевско.
-Бројот на земјоделски производители и производители на млеко во нашата општина континуирано се намалува. Се повеќе земјоделци заминуваат во странство, а со тоа бројноста на кооперантите е во континуиран пад, вели фармерот Алими и ги потенцира бројките кои ја потврдуваат неговата констатација.
-Најсликовит пример за оваа состојба е бројот на производители на млеко во регионот кои во 2016 година ги имаше над 60, а во текот на оваа година нивниот број се сведе на само шест производители на помали количества млеко. Во тоа време јас од кооперантите и од сопствено производство на битолска млекара секојдневно и испорачував по 6000 литри млеко, за денеска количините да се сведат на околу 2000 литри, истакна фармерот, кој причините за намалување на бројот на млекопроизводители ги гледа и во ненавремената исплата на субвенциите и зголемување на откупната цена за предаденото млеко, која моментално е дестимулативна.
Млекопроизводителите со цените на откупеното млеко, посочи тој, воопшто не можат да бидат задоволни, бидејќи откупната цена од 18 денари за литар предадено млеко во количина од над 100 литри и само 14 денари за откупен литар млеко под 100 литри е понижувачка, бидејќи амбалажираната вода во маркетите е двојно поскапа од овој здрав продукт.
– Исто така субвенциите кои следуваа по грло не се исплаќаат навремено, за да можат сточарите да се снабдат со храна по нешто пониски цени, а сега ќе бидат приморани дополнително да се снаоѓаат да изнајдат средства за да ги покријат тековните зголемени трошоци за храна, додаде Алими и посочи дека стравува во блиска иднина целосно да замре млекопроизводството во овој регион, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа