На „Табановце“ камионите поминуваат за помалку од 30 минути, целта на „Отворен Балкан“ е слободен проток

 

„Отворен Балкан“ значително го забрза протокот на стоки. На граничниот премин Табановце – Прешево камионите ги минуваат царинските и полициските контроли за помалку од четири минути, а целиот процес на проверки и пропуштање, заедно со ветеринарните и фитосанитарните инспекции, не трае повеќе од половина час.

Ова го истакнаа Зоран Јовановски од Стопанската комора на Северна Македонија и претседателот на српската Стопанска комора Марко Чадеж по работниот состанок на Табановце – Прешево со своите економски тимови.

Тенденцијата на „Отворен Балкан“ е слободен проток, изјавија Јовановски и Чадеж, а на двата премина, и на Табановце – Прешево и на Ќафасан – Ќафтане кој исто така денеска ќе го посетат, наскоро ќе бидат ставени посебни табли и линии за камионите од трите земји – членки на Иницијативата, Србија, Албанија и Северна Македонија.

-Предноста на „Отворен Балкан“ не е тоа што камионите нема да чекаат долго или воопшто, туку соработката меѓу трите земји во однос на снабдувањето на храната и нејзината безбедност, снабдувањето со основни животни намирници,… Тоа се големи работи – да не размислуваме дали имаме масло, брашно, шеќер или жито зашто секој од нас нешто има. Ако сме се согласиле дека ќе си помагаме, тоа и да го правиме. Во однос на храната која навистина е проблем и цената на пазарот кој остана без добар дел од количините кои доаѓаа од Русија, Украина, Белорусија, кога е во прашање „Отворен Балкан“ резултатите се гледаат – граѓаните на нашите земји не мора да размислуваат за работи за кои многу земји мора да размислуваат, нагласи Чадеж.

Според Јовановски, охрабрува исклучителната конструктивност на сите што се дел од Иницијативата „Отворен „Балкан“, желбата да се соработува и да се изнајдат конкретни, опипливи решенија.

-Фокусот на „Отворен Балкан“ да се испорачуваат конкретни резултати, е она што ја одвојува оваа Иницијатива од некои претходни што сме ги имале. Се што е проблем да се идентификува и да се најде решение – тоа е сега фокусот, а сите инволвирани страни се конструктивни, потенцира Јовановски.

На прашањето како во овие кризни услови трите земји може да си помогнат, Јовановски одговори – преку се што ги олеснува условите за водење бизнис.

-Во време на криза како актуелната, може да си олесниме преку намалување на трошоците за бизнис секторот, преку овозможување поголем проток на стоките и поминување на границите. Така се штеди време, а времето е пари. На тој начин ќе се продават и производите поевтино, ќе се постигне поголема конкурентност. Значи, се што ги олеснува условите за водење бизнис, рече Јовановски.

Економските тимови на српската и македонската стопанска комора, предводени од Чадеж и Јовановски, на работнот состанок разговарале како уште можат да помогнат за дополнително да го намалат и онака скратеното време на чекање на Табановце.

-Разговаравме како уште можеме да помогнеме – да донесеме контејнери кога е во прашање фитосанитарната и ветеринарната служба, да видиме како да го прошириме протокот, размената на информации зашто доаѓа до забавување на системот кога е голема фреквенцијата. Тоа е од интерес за двете земји зашто заштедува пари, информира Чадеж.

Според податоците на коморите, Табановце – Прешево е најбрз премин по проток на стоки од останатите меѓу трите земји. Дневно тука поминуваат по околу 600 камиони, а лани вкупната бројка била 22 000 камиони.

-Кога камион кога ќе дојде, не се задржува подолго од четири минути. Заедно со ветеринарните инспекции процесот се завршува за помалку од половина час. Тоа е голем напредок, подвлече претседателот на српската Стопанска комора.

Во тек е средба на претставници на шпедиции кои финкционираат на двата премина, со претставниците од двете стопански комори.

За попладнево е закажана и обиколка на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане. 

29.03.2022 - 12:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега