Попоски во Канада договараше визна либерализација

 

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Торонто оствари средби со претставници на македонски организации, меѓу кои и такви кои имаат мандат да се борат за почитување на човековите права. Македонскиот министер се сретна и со поранешниот претседател на Торонтската берза, Том Калдвел.

Во Отава,  Попоски бил почесен гостин на прием организиран во негово име со Групата за пријателство со Република Македонија во Парламентот на Канада, каде домаќин бил и претседателот на Сенатот на Канада, Ноел Кинсела.

- Нашиот разговор е зајакнат од блиските релации на нашите две земји и ми влеа оптимизам за можностите за уште поголемо зајакнување на тие врски, истакнал Кинсела.

Попоски и Кинсела заклучиле дека постои взаемен долгорочен интерес за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Канада, како и за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе домени, особено на економски план и на планот на привлекување канадски инвестиции во нашата држава.

Во тој контекст, биле разгледани можностите за унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави. Претседателот на Сенатот ја пофалил и македонската заедница во Канада за големата улога која тие ja имаат во канадското општество.

За време на средбата, акцент бил ставен на обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на Парламентот на Канада за што поскоро ефектуирање на поканата за членство на Република Македонија во НАТО.

Попоски остварил средба и со канадскиот министер за имиграција и државјанство, Крис Александар, кој ја потенцирал добрата организација и влијателноto општествено учество на македонската заедница во Канада. Двајцата министри разгледувале можности за визно олеснување и визна либерализација, особено за млади луѓе, со што би им се олеснило добивањето визи на македонски студенти кои би сакале да студираат и работат во Канада.

21.11.2013 - 11:01
Фото: 
mfa.gov.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега