Ховит бара датум за почеток на преговорите на Македонија
Ричард Ховит, известувачот во Европскиот парламент (ЕП) за Република Македонија во Нацрт резолуцијата по извештајот за напредокот на Република Македонија во 2013 година, уште еднаш го повторува барањето до Советот да одреди датум за почеток на пристапните преговори без натамошно одлагање, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во предложената Резолуција, за која Комисијата за надворешни работи се уште нема дискутирано, британскиот европратеник заклучува дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за Македонија да ги започне преговорите за пристапување и го дели ставот на Комисијата дека со отворањето на поглавјата 23 и 24 за правда, демократија и човекови права ќе се зголеми напредокот по многу прашања кои се од особен интерес на некои земји-членки.
Со оглед на позитивната препорака на Комисијата и нејзините предупредувања за ризиците од враќање наназад, Ховит го повикува Европскиот совет минимално да ја повтори одлуката од декември 2012, во која широко се споделени ставовите на Европската комисија, односно евентуалното донесување одлука за отворање на пристапните преговори во текот на следното претседателство и дека Комисијата ќе ги преземе сите неопходни подготвителни работи за да се овозможи ова.
Исто како и при минатата резолуција, известувачот на ЕП за Македонија, ја повикува Владата и Комисијата да изработат квантитативна анализа на социјалните, политичките и економските трошоци кои произлегуваат од продолжувањето на неуспехот за земјата да направи напредок во пристапувањето кон ЕУ, како за земјата така и за нејзините соседи.
Во Резолуцијата се одобрува констатацијата на Европската комисија дека продолжувањето на неуспехот на Европскиот совет да направи напредок во однос на пристапувањето на земјата кон ЕУ, го ризикува кредибилитетот на процесот на проширување и, исто така, ја поткопува потребната клима во земјата со цел да се поттикнат реформите и мерките поврзани со ЕУ.
Изразена е и загриженост дека албанското население на земјата може да почне да се чувствува „како оставено“ во процесот на проширување со оглед на напредокот на Косово и Албанија и тоа може да претставува дополнителен ризик во иднина за стабилноста на земјата.
Во однос на наметнатиот проблем со името, кој е пречка за напредокот на Македонија на патот кон членството во ЕУ, Ховит смета дека „неуспехот на двете страни за изнаоѓање взаемно, фер и праведно решение за решавање на спорот за името во период од речиси 20 години и покрај најдобрите напори на посредникот на ОН, исто така, го доведува во прашање кредибилитетот на рамката за да се постигне ова.
Тој ја повикува Грција да го искористи своето претстојно претседателство со Европската унија, заедно со Комисијата, Советот и Парламентот, како и во самата земја, да дадат нов политички поттик во обид да се реши прашањето за името.
Во однос на добрососедските односи, Ховит ги поздравува средбите меѓу премиерите на “земјата“ и Бугарија и верува дека длабоките историски и други прашања меѓу двете земји најдобро се утврдуваат со дијалог. Во овој дух тој ги повика двете земји да продолжат да преземаат значајни чекори кон постигнување билатерален договор.
Во Резолуцијата се инсистрира на целосна имплементација на препораките на Парламентарната комисија за истрага по настаните од 24 декември 2012 година и бара прдлабочување на демократијата. Жали што не е постигнат поголем напредок во однос на интегрираното образование, како и за тоа дека се помалку млади Албанци не го владеат македонскиот јазик што води до разделување и потенцијален конфликт долж етничките линии меѓу децата на училишна возраст.
Во предложениот текст, меѓу другото, се повикува на продолжување на дијалогот за законот за медиуми, кој би требало да биде донесен со широка поддршка на новинарската заедница во земјата. Во предложениот текст, ги поздравува напорите на Владата за зачувување на макроекономската стабилност и го поздравува враќањето на растот, но изразува и загриженост околу тоа дали ќе биде постигнато јавниот дефицит до 2016 година да биде сведен на 2,6%.
Известувачот, ги „охрабрува континуираните напори за борбата против корупцијата и организираниот криминал на солиден и непристрасен начин“ . Ховит изразува „загриженост“ во врска со употребата на долгите притвори, условите во затворите за затвореници, како и во однос на широко распространета перцепција дека тајмингот и темпото на судските процеси се под влијание на политиката што ја поткопува довербата во судството, легитимноста на владата и слабеење демократија.
Во резолуцијата Ховит ја повикува Комисијата да го анализира спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Македонија во нејзините идни извештаи за напредок. Тој има и забелешки за случаите на очигледна прекумерна употреба на сила од полицијата во однос на демонстрациите со повик да се направат напори одржувањето на јавниот ред да биде сразмерно и да го почитуваат правото на слободно здружување.
Се поздравува намерата на Комисијата да лансира специјален дијалог за вработување и социјална политика со нашата и другите земји во регионот, ги охрабрува мерките за да се модернизира трудовото право во целосна согласност со Конвенциите на МБТ.
Ховит го поздравува повторното отворање на ЛГБТ центар во Скопје по петте напади во последните дванаесет месеци, а ги поздравува и повиците за поширока примена на заклучоците на Комисијата за борба против дискриминацијата и против хомофобијата во училишните учебници. Тука е повторено и барањето за целосно усогласување на македонското со законодавството на ЕУ во оваа област. Се осудува и насилството врз ЛГБТ заедницата со повик до сите политички лидери во земјата и поширокото општество да го сторат истото, а извршителите на овој вид насилство да бидат изведени пред лицето на правдата.
Ховит го поздрави зголемувањето на бројот на жени градоначалници во Македонија од нула на четири по последните локални избори. Со забелешка за измените на законот за прекин на бременоста кои беа донесени без поширока јавна дебата. Ховит на крајот силно повикува за одржување на актуелниот безвизен режим за граѓаните на нашата земја.
Во Нацрт резолуцијата се користи еднаш придавката „македонски“ за македонскиот јазик. Членовите на Комисијата за надворешни работи имаат рок до 10 декември да достават амандмански измени на предложениот текст од известувачот.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа