Вработените на УЈП донираа медицинска опрема за новороденчиња
Управата за јавни приходи денеска донираше медицинска опрема за ЈЗУ Здравствен дом Скопје обезбедена од парични прилози на вработените по повод Денот на детето.
Донираната медицинска опрема се состои од 80 ранци за патронажни сестри и 16 дигитални ваги за мерење на телесната тежина на новороденчиња и доенчиња, а нејзината вредност изнесува 119.700 денари.
Директорот на УЈП истакна дека Управата втора година организира хуманитарна акција „Биди хуман, биди човек“ и дека нивната целна група се децата бидејќи како што рече секоја инвестиција во децата е инвестиција за иднината.
Директорката на ЈЗУ Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ се заблагодари на донацијата и посочи дека опремата ќе биде распоредена во пет работни единици каде 75 патронажни сетри вршат домашни посети на новороденчиња, како и во 14 советувалишта за деца од предучилишна возраст во поликлиниките и амбулантите на подрачјето на Скопје и неговата околина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа