Брисел: Потребно е време за да се донесе законот за медиуми

 

Потребно е време и сеопфатна согласност за да се донесат новите закони за аудио и визуелни медиумски услуги. Ова Европската комисија му го посочила на министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

Како што јавува МИА, на 15-ти овој месец во европската престолнина, македонскиот министер имал средба со генералниот директор на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, за што се до денеска не беше информирана јавноста. Според портпаролот на Еврокомисијата, Петер Стано, на петочната средба меѓу Ивановски и Даниелсон, тие двајца разговарале за нацрт-законите што во моментов се во собраниска процедура.

- Генералниот директор Даниелсон го повтори она што Европската комисија, но и други, досега го рекоа низ процесот на изработка, а тоа е дека гарантирањето на слободата на изразување и другите фундаментални права е услов за земјата да се приклучи кон Европската унија. Но, кога и како точно земјата ќе ја регулира оваа област е прашање за националните власти и учесниците, вели Стано во изјава за МИА.

Според гласноговорникот на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, генералниот директор Даниелсон истакнал дека “Владата треба да овозможи неопходно време за да се осигура дека предложените закони се во согласност со европските стандарди и со најдобрите практики”. - Но, и дека сугестиите од засегнатите страни во државата ќе бидат дискутирани и ќе се земат предвид на инклузивен начин и со добра волја, со цел да се избегнат проблемите во фазата на имплементацијата на законот за медиуми и за аудио и аудиовизуелни услуги, додава Стано.

20.11.2013 - 11:23
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега