Македонија дел од редовната понуда на чешки туристички агенции и тур-оператори
Македонија како атрактивна туристичка атракција e редовната понуда на се повеќе чешки туристички агенции и тур-оператори, јави дописникот на МИА.
Покрај агенциите „Чедок“, „Познани“, „Алпинетур“ кои веќе неколку години на чешките туристи им овозможуваат да уживаат во убавините на македонските планини и трекинг туризмот кој подразбира луѓето да се хранат со она што го нуди природата каде што престојуваат, нашата земја стана дел од понудата и на реномираната „Фиро тур“ и на други тур-оператори. Турите за идната година опфаќаат запознавање на македонскиот главен град преку организираните посети на средновековната тврдина Кале, Мустафа-пашината џамија, Камениот мост и спомен-куќата на Мајка Тереза, а главен акцент се Проектот Скопје 2014 и 30 метри високиот споменик на Александар Велики. Се нуди и посета на Охрид, кој се нарекува „Бисер на Балканот“ и разгледи на црквата Св. Богородица, римскиот театар, Самоиловата тврдина, Св. Климентовиот манастир на Плаошник и црквата на Св. Јован-Канео.
За летните месеци, агенцијата „Мајер и Крокус“ ги нуди македонските национални паркови Маврово и Галичица и Охридското ,,море": - Опкружено со планини, прозрачна и чиста вода, оваа светска природна убавина го зема здивот на многу светски патници, се вели во понудата на агенцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа