Адеми: Да се исполнат условите за А-интегрирана дозвола или клуч на врата
Металуршките и енергетски капацитети, текстилната индустрија и рудниците кои до април 2014 година нема да ги исполнат условите за добивање А-интегрирана дозвола ќе бидат затворени, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
- Според Законот за животна средина, усвоен во 2004 година, рокот за усогласување на сите капацитети со нивните оперативни планови е до април 2014 година. Досега во Министерството за животна средина и просторно планирање има околу 135 барања. Од нив на 50 отсто од наша страна се одговори, а другите до крајот на годината ќе добијат одговор, односно ќе се снабдат со А интегрирана дозвола, што значи усогласување со нивните оперативни планови до април 2014 година, појасни Адеми на денешната средба со медиумите.
Во меѓувреме, добиени се барања за пролонгирање на рокови од некои капацитети.
- Ставот на Министерството и на Владата е негативен. Нема пролонгирање на роковите за усогласување со оперативните планови и сите капацитети мора да се усогласат до април 2014 година. Нашиот став е дециден дека тој рок нема да се пролонгира. Ќе следуваат и казни, но најголемата казна е затворање на тие капацитети, потенцира Адеми.
Ресорниот министер информира дека откако е донесена одлуката, имаат најава оти некои фабрики веќе интензивно работат за да ги постигнат тие рокови.
- Меѓутоа, има некои кои понатаму воопшто не инвестираат. Според нашите пресметки, тие кои досега не инвестирале, нема да стигнат до април 2014 година. Треба да бидат подготвени за најстрогата казна и јавноста да знае дека во април некои од фабриките ќе бидат затворени поради тоа што не исполнуваат еколошки стандарди, истакна Адеми.
Од поголемите капацитети, смета дека Макстил и Југохром нема да стигнат да се усогласат со оперативните планови до предвидениот рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа