Швент: Македонските компании недоволно користат консултантски услуги
Македонските компании недоволно користат консултантски услуги, кои имаат многу важна улога во поддршка на развојот на бизнисите. Единствено дел од големите компании ангажираат консултанти, вели Миха Швент, раководител на Регионалната програма на Европската банка за обнова и развој - ЕБОР за поддршка на мали и средни бизниси во Западен Балкан и Југоисточна Европа со седиште во Скопје во интервју за МИА.
Тој посочи дека програмата на ЕБОР за поддршка на мали и средни бизниси во Западен Балкан и Југоисточна Европа, е насочена токму за поддршка на малите и средни компании кои никогаш порано не користеле консултантски услуги.
- Само во последните неколку години во Македонија компаниите на кои им помогнавме со консултации отворија повеќе од 2.000 нови работни места и покажаа неверојатен раст. Нашите консултантски услуги помагаат компаниите да станат конкурентни и иновативни и да се прошират во регионот, вели Швент.
Најчесто, додава Швент, корисници на консултантски услуги, се компании од прехранбената индустрија чија цел е да извезуваат и да станат конкурентни на меѓународно ниво.
Програмата во Македонија функционира од 2002 година и досега има поддржано над 600 компании со македонски консултанти и 60-тина со странски консултанти. Меѓу поддржаните компании се Макпрогрес, Бучен Козјак, Кодинг, Пекабеско, Специјал, хотел Белведере, Инфинити солушн,... Програмата работи со консултантски услуги во вкупно 25 земји и има поддржано над 10.000 фирми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа