Напредни Лозари: Сушата го уништи родот во лозјата
Сушата го уништи родот во лозјата, реагираат од регионалното Здружение „Напредни лозари”. Бараат од надлежните во локалната самоуправа и во Министерството за земјоделство да изнајдат начин до почетокот на бербата на „вранецот“ да се обезбедат потребните количини вода за да се спаси родот.
– Двомесечната суша како природна временска непогода проследена со екстремно високи температури и отсуство на било каков атмосферски воден талог од една страна и разорно лошото управување (менаџирање) со постоечките капацитети за наводнување од страна на јавното водостопанско претпријатие од друга страна, доведоа до катастрофално тешки последици по лозовите насади, особено по оние до кои системите за наводнување останаа суви и оние лозови насади кои сеуште не се опфатени со хидро-мелиоративниот систем за наводнување. Родот на овие лозови насади е 100 проценти уништен. До 60 отсто е намален и родот кај оние лозови насади кои добиле вода само еднаш, а такви ги има многу, велат од Здружението.
За штетите по приносите на грозје за реколтата 2021, лозарите разговарале на последниот состанок на здружението.
За годинава бараат да се предвидат и дополнителни финансиски средства за покривање на штетите настанати со сушата и да се изврши субвенционирање на системите за наводнување капка по капка. Воедно, предлагаат да се стимулираат лозарите за поставување на вакви системи преку подрастично намалување на цената за наводнување по хектар лозов насад, преку системот капка по капка.
Настанатите штети, според нив, се должат на долгогодишната негрижа и неодржување на постоечките системи за наводнување и немањето државни стратегии за поттикнување на инсталирање на системи со помала потрошувачка, како системите капка по капка и контрола на количините потрошена вода за наводнување по пат на вградување на мерачи, односно водомери на пример.
– Не постои координација со останатите јавни претпријатија кои стопанисуваат со вода, како на пример со Јавното комунално претпријатие и ЈП Водостопанство. А не се огласија ни општинските центри за управување со кризи по ова прашање. Пред очите на граѓаните се случуваше парадокс- цистерни полни со вода, во најврелите денови да ги полеваат тревнатите површини во и надвор од градот, а родот на лозовите насади да се суши поради немање вода. Доколку постоеше координација, со дел од водените капацитети на овие иматели, во најкризните моменти можеше и да се спаси родот. Но за таква една работа не постоеше ни координациија, а ни слух како на локално, така и на републичко ниво, нагласуваат од ,,Напредни лозари”.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа