Владата со мерки за вработување на корисници на социјална парична помош

 

Владата продолжува со мерките за вработување. Овојпат се работи за посебна Програма за субвенционирање за  вработување на невработени лица кои се корисници на социјална парична помош.

            Како што информираше владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев, целта на програмата е да се субвенционира вработувањето во приватниот сектор на лицата кои се невработени и активно бараат работа, а се од домаќинства корисници на социјална парична помош.

 Корисници на оваа Програма од една страна ќе бидат членовите на домаќинствата - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата за вработување на Република Македонија, и од друга страна работодавачи кои вработиле и склучиле договор за вработување за најмалку 12 месеци со лица од оваа категорија, односно членови на домаќинства - корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата. Приоритет ќе се даде на младите лица на возраст до 29 години, кои потекнуваат од семејства корисници  на социјална парична помош, кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата. Особен приоритет при субвенционирањето на вработувањето на овие млади лица до 29 години ќе се даде на младите кои потекнуваат од домаќинства приматели на социјална помош, а кои во своето образование го користеле Условниот паричен надоместок за образование кој се дава за оваа категорија лица и кој изнесува 12.000 денари годишно. На тој начин би се направило поврзување на субвенционирањето на оваа категорија на млади лица да се образуваат, да стекнат образование и потоа како логичен след и субвенционирањето за тие да се вработат.

 На почетокот на следната година ќе биде распишан јавен повик од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија на кој од една страна ќе може да аплицираат невработените лица кои се од домаќинства кои се корисници на социјална парична помош и бараат работа активно, а од друга страна ќе аплицираат работодавачи кои се заинтересирани да вработат лица од оваа категорија кои аплицирале на повикот.Работодавачот кој ќе вработи лице кое аплицирало на овој јавен повик и ќе добие субвенција во износ од 17.000 денари месечно по вработено лице, и тоа за период од шест месеци, а по истекот на шесте месеци на субвенцијата,  работодавачот има обврска да го задржи работникот вработен врз основа на оваа Програма најмалку дополнителни шест месеци  (или вкупно 12 месеци) со цел работникот да покаже резултати и да се стекне со трајно работно место.

             За оваа цел Владата ќе издвои и ќе исплати околу 13 000 000 денари, со што би можело во оваа прва фаза да се вработат околу 150 лица.

 

 

 

 

 
13.11.2013 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега