Турски сорти ориз на македонските полиња

 

Од денеска се започна со проектот на Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Турската компанија Тика за воведување на нови сорти ориз на полињата во Македонија. 

Претставници на компанијата Тика на 20 земјоделеци од Штипско,Кочанско и Виничко им доделија по 200 килограми семенски материјал од четири сорти ориз. Со стручна помош на Земјоделскиот институт, ќе се следи сеидбата,вегетацијата и заштитата на овој семенски материјал се до жетвата наесен.

- За почеток се определивме да донесеме од Турција 4.100 килограми квалитетен семенски материјал од четири сорти на ориз од кој очекуваме наесен да добиеме 30 тони семенски материјал за наредната производствена реколта, истакна пред земјоделеците Махмут Чевиќ, координатор на Тика во Македонија.

Според Трајчо Јованов, земјоделец од село Горни Подлог ова е можност земјоделеците да употребат за сеидба квалитетен семенски материјал, проверен од научни институции.

- Проектот е прифатен и од наша страна како Синдикат на земјоделските производители кои од него очекуваме многу, пред се менување на навиките во оризопроизводството и добивање квалитетен семенски материјал, истакнува Драгољуб Гаврилов, претседател на Самостојниот синдикат на земјоделците од општина Чешиново-Облешево.

Проектот според договорот на двете ресорни министерства од Македонија и Турција ќе се реализира оваа и во наредната година.

најчитано сега