МЗТ Скопје почна да победува
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја прекинаа низата од три порази во АБА лигата и го совладаа словенечкиот тим Крка, во натпревар од 7. коло на регионалната лига. На натпреварот кој се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, МЗТ Скопје славеше победа над Крка со 80:75 (20:23; 19:8; 19:19 и 22:25).
До третата победа во АБА лигата, кошаркарите на МЗТ стигнаа со колективна игра во која дури шестмина кошаркари запишаа двоцифрен број на поени.
Дамјан Стојановски со 14 поени беше најефикасен, Тодор Гечевски и Џастин Рејнолдс постигнаа по 12 , а Ѓорѓи Чекоски, Александар Костоски и Кејт Дејвис по 11.
Најефикасен на натпреварот беше кошаркарот на Крка, Јасмин Хукиќ со 20 поени.
На другите натпревари одиграни од оваа рунда: Задар – Игокеа 79:80, Шолнок – Олимпија 62:71 и Цибона – Мега Визура 98:96.
Денеска на програмата се дуелите, Црвена звезда - Цедевита и Раднички – Будуќност, додека 7. коло ќе биде комплетирано во понеделник со средбата Широки – Партизан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа