Повеќе здравствени услуги на една врата - презентирани реформите во здравството

 

Маја Парнарџиева Змејкова денеска ја презентираше Стратегијата на Фондот за здравствено осигурување за 2014-2015. Се работи за шест области кои се однесуваат на матичните лекари, на лековите, на повеќе ортопедски помагала за пациентите, на унапредување на здравствените услуги.

- Во областа која се однесува на матичните лекари првиот проект е наречен „Повеќе здравствени услуги на една врата“. Во 2015 година планираме да ги воведеме семејните лекари во здравствениот систем во Македонија и за матичните лекари, оние кои специјализирале по семејна медицина Фондот ќе обезбеди нов модел на плаќање кој е во согласност со светските искуства, рече Парнарџиева Змејкова и додаде дека со почнување на работата на семејните лекари осигурениците ќе добијат повеќе здравствени услуги на една врата. Наместо да одиме за ехо кај специјалист, таа услуга ќе ја добиваме кај семејниот лекар. Истото важи и за услугите: мерење шеќер во крв, стреп-тест, мерење капацитет на бели дробови. Од дејноста општа хирургија, семејниот лекар ќе ги овозможи услугите: поставување канили, замена на ќеси за стома и тоалети, вадење конци, ресекција на нокти. Други негови услуги ќе бидат: мерење вид, преглед на кожа, отстранување туѓи тела од уши, земање микробиолошки примероци..., рече Парнарџиева Змејкова.

Појасни дека со вториот проект за матичните лекари „Стимулација за нови матични лекари“, во 2014 година се планира за секој нов матичен лекар кој ќе склучи договор со Фондот, да добива фиксен дел во износ од 40.000 денари. Фондот планира во првите 18 месеци на работење на новите тимови, тие да добиваат капитација за 400 пациенти/800 бодови се додека нивната пракса не заживее. Со третиот проект „Задоволни лекари и пациенти во рурални средини“ Фондот предвидува стимулирање на лекарите во тие средини преку зголемување на средствата кои ги исплаќа, а со четвртиот проект „Повеќе осигуренички со матичен гинеколог“ се предвидува зголемување на стимулативната граница за бројот на осигуренички  на кои еден гинеколог може да им пружа здравствени услуги - од сегашните 3.500 на 4.000 бодови и се очекува повеќе жени да имаат избран матичен гинеколог без да бидат одбивани. Во рамки на петтиот проект „Помалку администрација-повеќе време за пациентите“, ФЗОМ ќе воведе електронски дневник, електронски здравствен картон и ќе ги укине здравствените книшки. 

Во областа која се однесува на лековите се два крупни проекти: „Во сите генерики да има лек без доплата на позитивната листа“ (со што во следните две години целта на ФЗОМ е 100 отсто од генериките на лекови на позитивната листа да бидат без доплата, за секоја една генерика да има минимум по еден лек од заштитена фирма без доплата) и „Фармацевтите поблиску до осигурениците“ (целта е осигурениците од фармацевтите да ја добиваат и услугата и информацијата за начинот на користење на лековите, за употребата, комбинирањето со други лекови, чување на лекот како и советување во врска со сите други дилеми на пациентот).

Во областа која се однесува на ортопедските помагала Фондот изготви ги проектите „Поквалитетни ортопедски помагал за пациентите“ (со што се планира комплетна ревизија на постоечката листа на ортопедски помагала со воведување стандарди и стандардизирани материјали за изработка на секое помагало и ќе нема импровизации туку ќе се знае кое е вистинското помагало и од каков материјал треба да биде) и „Дополнителна листа“ (која ќе содржи нестандардни и ретки помагала со доплата врз основното помагало, на пример ултра лесни инвалидски колички, долг бел стап со звучна сигнализација итн.).

Во областа на унапредување на здравствените услуги со проектот „Еднаков квалитет на здравствена услуга за секој граѓанин односно контрола на спроведување на клинички упатства“, преку контрола на 200 клинички упатства Фондот ќе се осигура дека на пациентите во сите здравствени установи истата здравствена услуга се пружа во ист квалитет, а со проектот на „Условните буџети“ се планира да се воведат нови условни буџети за нови здравствени услуги и тоа за: реконструкција на дојки по мастектомија во еден акт, трансплантација на црн дроб, кадаверични трансплантации, трансплантација на панкреас, вградување дефибрилатори и коилирање на крвни садови во мозокот. Планирано е и проширување на веќе постоечките условни буџети кои ги имаме со здравствените установи.

Во рамки на петтата област со која ФЗОМ ќе се нарече Електронски Фонд за здравство, се предвидува наместо одење во институција и чекање за да се добијат информации и формулари, истите да можат да се добијат електронски итн.

Се планира комплетно електронско работење во Фондот преку воведување документ менаџмент систем или сите вработени во ФЗОМ меѓу себе ќе комуницираат без хартија. За осигурениците во 2014 година ФОЗМ ќе овозможи поднесување на сите документи електронски без доаѓање на шалтер, 4.000 субјекти во јануари 2014 година се планира да можат да потпишуваат електронски договори и анекси, понуди итн., како и поедноставување на постапката за добивање ортопедско помагало преку електонска комуникација меѓу матичниот лекар и специјалистот и Фондот.

ФЗОМ, најави Парнарџиева Змејкова, ќе почне кампања за промоција на здравјето во соработка со сите чинители на здравствениот систем и со невладините организации која има за цел подигнување на јавната свест за определени добри навики како што се правилната исхрана, физичката активност и стил на живеење, но и ќе укаже на определени штетни навики (пушење, прекуменрна тежина, нередовни контроли кај лекар) и нивното влијание врз здравјето.

- Го продолжуваме континуитетот на нашите заложби и секогаш сме посветени во подобрување на квалитетот на здравствените услуги, во олеснување на осигурениците во остварување на нивните права од здравственото осигурување, додаде Парнарџиева Змејкова.

 

08.11.2013 - 16:22
Фото: 
Канал5

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега