Отворени новите погони на „Џонсон Мети“ - можност за вработување на 200 лица

 

Во индустриската зона Бунарџик денеска се отворија два нови погони на „Џонсон Мети“ за производство на автокатализатори. Новиот објект во употреба го пушти премиерот Никола Груевски.

Тоа е втора фабрика на „Џонсон Мети“ во индустриската зона „Бунарџик“. Првите погони на истата локација компанијата ги отвори во април 2010 година, а вкупните вложувања во Македонија се околу 130 милиони евра. Премиерот Груевски оцени дека првата инвестиција на „Џонсон Мети“ ги оправдала нивните очекувања поради што пројавиле интерес за изградба и на втора фабрика во Македонија.

- На тој пат соработката и поддршката од институциите, како и добрата бизнис-клима во нашата земја беа само поткрепа на плановите на инвеститорот. Она што исто така радува е задоволството на компанијата од способностите и постигнувањата на вработени во „Џонсон Мети“ во Македонија, рече Груевски, посочувајќи дека образованите, способни и мотивирани кадри и поддршката од институциите биле силна поткрепа во одлуката за изградба на втората фабрика.

Груевски очекува извозот на „Џонсон Мети“ следната година да достигне милијарда евра, а година дена потоа 1.250.000.000 евра. 

Извршниот директор на Одделот за еколошки технологии на „Џонсон Мети“ Џон Вокер истакна дека заедно со средствата за новите погони компанијата досега вложила 132 милиони евра со што се докажала нивната намера за долгорочно инвестирање во Македонија. - Во фабриката беа произведени 10 милиони катализатори за само три години што е рекорд за која било нова постројка на „Џонсон Мети“. Исто така, стандардите за изработка беа бргу достигнати и тие се на ниво на најдобрите во класата. Ова е пример и модел за тоа што може да се постигне со една гринфилд инвестиција, наведе Вокер.

Директор на Дирекцијата за ТИРЗ истакна дека вложувањето на „Џонсон Мети“ е најголемата гринфилд инвестиција во Македонија: - Покрај зголемената побарувачка на автомобилски катализатори на светските пазари, како и новите светски регулативи, поддршката од институциите и реформите за водење бизнис во Македонија сигурно беа едни од клучните фактори „Џонсон Мети“ да ја донесе одлуката за реинвестирање, рече Мизо.

Инаку, „Џонсон Мети“ ПЛЦ е компанија што котира меѓу најмоќните 100 брендови на Лондонската берза. Таа е меѓу водечките светски производители на катализатори за контрола на емисии на издувни гасови од возилата и лидер во системите за намалување емисии од индустриските процеси во постројки ширум светот.

08.11.2013 - 14:15
Фото: 
лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа