Филе: За членство во ЕУ треба посветеност на европските вредности
Постои јасна перспектива за европска интеграција на сите земји во регионот на Западен Балкан, но тоа бара вистинска определба и напори во работата за воведување на европски стандарди и вредности.
Ова е пораката на комесарот за проширување и европска соседска политика Штефан Филе до граѓаните на земјите од Западен Балкан и нивните европски амбиции упатена по повод Денот на Европа, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Денес е важен ден за Европа. На Денот на Европа е време да се потсетиме што е европскиот проект и што е потребно да се биде дел од Европската унија. Пред повеќе од 60 години, Роберт Шуман ја формулираше својата визија на уште поблиска унија на европските народи. Па дури и денес, ние ја придвижуваме оваа идеја напред. Хрватска наскоро ќе стане 28-ма членка и “чекалната на Западен Балкан“ се уште е далеку од празна. Ова покажува дека визијата на Шуман продолжува да инспирира и да се зајакнува европската стабилност и напредок, порача Филе.
Според првиот човек за проширување на Унијата, влезот на Хрватска додава нова динамика за проширувањето на Европската унија. Тој вели дека ова праќа силен сигнал до целиот регион за тоа што може да се постигне кога ќе се направат потребните напори.
- Има охрабрувачки резултати и во некои други делови на Западен Балкан. Србија и Косово неодамна постигнаа историски договор и Црна Гора се движи напред во процесот на пристапување, додава еврокомесарот.
Според Филе, перспективата за европска интеграција останува отворена за сите земји во регионот, но потенцира дека “тоа не е бесплатно возење“.
- Таа бара вистинска определба и напори и бара лидерите да размислуваат и да дејствуваат на европски начин. Членството во Европската унија е реална перспектива, но само за оние кои се навистина заинтересирани за прифаќање на принципите на ЕУ. Ова е патот за напред за целиот регион. Европската интеграција е за градење на заедничка, постабилна и попросперитетна европска иднина. Тоа е она што граѓаните на земјите од Западен Балкан го заслужуваат, потенцира Филе