Состанок на ЦЕФТА Поткомитетот: Компании со високи стандарди сами ќе вршат царинска постапка
Во рамките на седмиот состанок на ЦЕФТА Поткомитетот, денеска беше договорено до крајот на оваа година да се издадат дозволи на најмалку две компании кои сами ќе вршат царинска контрола.
Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов информираше дека во постапка се три барања за издавање дозвола овластен економски оператор и оти се надева до крајот на годината дека ќе издадат барем на една компанија: - Тоа значи дека компаниите се одлично организирани, Царинската управа има одлична соработка со нив, им верува на нивните системи за контрола и извесно е дека тие ќе бидат изземени од редовна царинска контрола на која подлежат сите други компании, изјави Каргов и додаде дека се работи за компании со високи стандарди во работењето.
Ваквите договори, како што појасни директорот Каргов, ќе значат дека нашите организации и регулатива се на исто ниво и дека си веруваат меѓусебно.
- Ова ќе овозможи бесцарински увоз и извоз во рамките на ЦЕФТА земјите заедно со ЕУ. Тоа дава можност за дијагонална кумулација на потеклото со земјите од Медитеранот. Република Македонија веќе почна со иницијатива за склучување нови договори за слободна трговија, кои треба да ја поттикнат нашата надворешна трговија, односно извозот во овие земји, рече Каргов.
Како што најави претставникот од ЦЕФТА Секретаријатот Умут Егзегер одлуката треба да биде усвоена на 20 ноември во Сараево, по што земјите кои ја ратификувале ќе можат да извезуваат производи во ЕУ и други земји со преференцијален третман. - Ова е голем чекор напред во промовирањето на економскиот раст и развој на трговијата во регионот, истакна Егзгер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа