Стартува акцијата „Отворено со Катастарот“
И оваа година како и претходните шест, од наредниот понеделник започнува акцијата „Отворено со Катастарот“ што на граѓаните им овозможува полесно да ги надминат евентуалните проблеми од оваа област.
Директорот Славче Трпески денеска истакна дека акцијата како и вообичаено ќе ги опфати сите општини, а ќе стартува во Скопје, Кисела Вода и Ѓорче Петров, па ќе продолжи во Дебар, Берово, Кавадарци, Неготино. Акцјата ќе заврши во Тетово и Гостивар на 2 и 3 април идната година.
- Лани во рамки на акцијата дојдоа преку 3.000 граѓани од кои на повеќе од 300 или на околу 10 отсто им беа решени предметите. Другите од нашите стручни тимови добија соодветни совети за што побрзо остварување на правата пред другите институции, истакна Трпески и додаде дека за околу една година треба да почне масовната проценка на земјиштето и да профункционира регистарот на цени што ќе овозможи точно да се знае колку чини секоја недвижност, станбен објект, градежно или земјоделско земјиште.
Регистарот на цени ќе биде јавно достапен до сите заинтересирани, а методологијата за нивно утврдување ќе ја одобри Владата.
- Кој било граѓанин или фирма ако сака да купи недвижност нема информација колку таа чини, се остава на понудувачот да каже. Но, со масовната проценка и регистарот, ќе се знае почетната цена на секоја недвижност. Цената ќе биде променлива зависно од пазарот, некогаш ќе се зголемува и обратно. Но, ќе се знае колку чини некој стан или друг вид недвижност. Останатото се остава на договорните страни, рече Трпески и додаде дека на секој договор за купопродажба што доаѓа во Катастарот ќе се запишува и вредност, оданочената и онаа запишана во договорот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа