Адеми на трилатерален состанок за заштитено подрачје Шар Планина – Кораб – Дешат
Министрите за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и неговиот албански колега Лефтер Кока, како и и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на Косово, Шпатим Руди денеска на Попова Шапка го одржаа вториот трилатерален министерски состанок во врска со предложеното меѓугранично заштитено подрачје Шар Планина – Кораб – Дешат.
- Албанија и Косово од своја страна имаат веќе прогласено дел од територијата за вакво подрачје, останува од македонска страна тоа да се направи во соработка со УНЕП, невладините организации и локалните самоуправи и нашето Министерство. Имаме изградено заеднички став дека дел од Шар Планина заслужува да се заштити со што ќе се придонесе во заштита на природата, но и за економски развој на подрачјето со развој на еко-туризмот и промоцијата на природното и културното наследство, изјави Адеми и додаде дека во соработка со германската невладина организација „Еуронатур“ биле организирани повеќе средби низ местата на живеење на Шара.
Министерот Кока од своја страна истакна дека природата во нашите земји е прекрасна и со вакви проекти се придонесува за добрососедски односи, додека Руди истакна дека од нивна страна делот од Шара е прогласен за Национален парк, со што ние ги исполнуваат и европските стандарди кои предвидуваат дека 10 проценти од територијата треба да биде заштитено подрачје.
За Љупчо Меловски од Македонско еколошко друштво меѓуграничната соработка со прогласување на трансгранично заштитено подрачје помеѓу Македонија, Албанија и Косово може да придонесе за ефикасна заштита на биодиверзитетот бидејќи на големите цицачи им е потребен поголем простор за живот, а токму овој триаголник Шара – Кораб – Дешат е единственото место каде што опстојува балканскиот рис.
– Ние добиваме значајна поддршка за нашата иницијатива од меѓународната заедница како што е Канцеларијата на УНЕП од Виена, така и германската невладина организација „Еуронатур“ и се надевам дека со секој ваков собир на високо ниво сме се поблиску до прогласување на Шара за национален парк, рече Меловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа