Ќе има вонредна инспекција во сите детски градинки низ Македонија
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска поднесе кривична пријава против градинката „Детска радост“ во општина Гази Баба. Како што информираше министерот за здравство Никола Тодоров, на вчерашната владина седница е одлучено да се направи вонредна инспекција во сите детски градинки која ќе ја извршат Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Министерот денеска посочи дека ваква анализа ќе се направи и во сите основни училишта каде што се служи храна и посебно ќе се испита дали компаниите што ја обезбедуваат храната или кујните каде што се подготвува храната имаат обезбеден ХАЦЦП систем.
- Доколку немаат обезбедено ХАЦЦП систем да се забрани набавување храна од тие компании и да се забрани подготовка на храната во тие кујни кои што немаат имплементирано ХАЦЦП систем и веднаш да се отпочне негова имплементација. На тој начин секогаш ќе бидеме сигурни дека сите детски градинки и сите училишта набавуваат храна која што е подготвена од компании кои се сертифицирани според ХАЦЦП систем. Имаме обврска постојано да го следиме системот и тоа ќе го направиме, рече Тодоров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа