Македонија ја продлабочува економската соработка со Бугарија

 

Македонско - Бугарската стопанска комора и Советот за развој на Источниот плански регион денеска потпишаа Меморандум за соработка.

- Сакаме да создадеме убав стопански амбиент кој преку градоначалниците од Источниот плански регион ќе дојде до граѓаните со бенефициите што ќе ги осетат од капиталот и вложувањата од сериозните бизнисмени од Бугарија, изјави претседателот на Комората Зоре Темелковски и посочи дека целта е да се доближи капиталот до обичните граѓани преку локалната самоуправа. Според него, вложувањето на бугарскиот пазар ќе им даде можност на македонските стопанственици да добијат европски сертификати за нивните производи.

Градоначалникот на Пробиштип и претседавач на Советот за развој на Источниот плански регион, Тони Тоневски по потпишувањето на Меморандумот за соработка изјави дека ова е само уште еден чекор напред во продлабочувањето на добри односи меши Македонија и Бигарија.

- Целта ни е што е можно повеќе да се продлабочи соработката меѓу двете земји, а ние како локални самоуправи и администрација да ги овозможиме сите услови  да помогнеме во развојот на економијата и намалувањето на невработеноста. Имаме одлична соработка со општините од Западна Бугарија во делот на искористувањето на средствата за прекугранична соработка што ги нуди ЕУ, но сепак цениме дека можеме уште повеќе, рече Тоневски. 

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев истакна дека Бугарија е соседна земја и членка на Европската унија која ни е најблиска. Соработката со Бугарија на економски, културен, спортски и здравствен план, како и во делот на туризмот ќе донесе препород на Источна Македонија.

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Петков смета дека потпишувањето на Меморандумот ќе придонесе за подобрување на добрососедските односи меѓу двете земји.

- Потпишувањето следува по добриот дијалог што го имаат двете влади и трите средби што ги имаа премиерите на двете земји годинава. Во Меморандумот се говори за проширување на економската соработка. Можеби постои некаква инерција од минатото поради која бугарските компании не се доволно присутни во Македонија, но ние треба да работиме во насока на подобрување. Нашите компании малку се познаваат, а токму  една од задачите на Македонско Бугарската стопанска комора е повеќе да се запознаат. Треба да го зголемиме бројот на компаниите кои соработуваат и на инвестициите, потенцира Петков.

 

06.11.2013 - 14:32
Фото: 
Дојче Веле

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега