Засадени палми покрај брегот на реката Црн Дрим

 

Покрај брегот на реката Црн Дрим директорот на „Македонски шуми“ Жарко  Караџоски и градоначалникот на Струга Зијадин Села денеска засадија триесеттина влакнести палми

Засадувањето на палмите е дел од есенската акција „Ден на дрвото-Засади ја својат иднина“.

- Првпат засадуваме палми. Станува збор за влакнести палми со кои сакаме да ги разубавиме самите градови и денеска засадивме триесет палми. Од наредната година овој број ќе се зголемува. Локалната самоуправа ќе ги одредува локациите, а ние во рамките на Денот на дрвото ќе ги обезбедуваме садниците и заеднички со Локалната и граѓаните на Струга ќе го вршиме пошумувањето, истакна Караџоски.

Според градоначалникот Зијадин Села, Струга е туристички град, така што овој вид декоративни дрва дополнително ќе придонесат за убавиот изглед на градот.

- Палмите убаво и стојат на Струга, бидејќи е туристички град и ќе ја направат Струга уште поубава. Нема да престанеме со ова, туку како што ветив за време на изборите ќе продолжиме да засадуваме дрва на излезите и влезовите на Струга, односно на потегот од Мороишки Мост до главната раскрсница, како и на потегот кон Калишта и „Еврохотел“, изјави Села.

Како што рече Караџоски, овој вид влакнести палми можат да издржат температури на воздухот и до минус 10 степени, а доколку во текот на идните години има постудени зими, надлежните служби ќе обезбедат нивна заштита со посебни фолии.

 

04.11.2013 - 14:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега