Математика ќе биде трет задолжителен предмет на државната матура

 

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денеска ги соопшти измените за полагањето на државната матура. Од сега, математиката ќе биде трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од 2014/2015 за гимназијалците, а од 2015/2016 за матурантите во средното стручно образование. Во оваа група како што појасни министерот Ристовски не влегуваат само средношколците од уметнички училишта, бидејќи не го изучуваат тој предмет.

- Покрај двата предмета - мајчин јазик и странски или математика, гимназијалците и матурантите од стручните школи ќе имаат уште еден екстерен предмет по избор од предметите што ги изучувале. Наместо два, ќе имаат еден интерен предмет и проектна задача, како и досега. Третиот екстерен предмет, кој за годинашните матуранти ќе биде по избор, од идната година ќе биде задолжително математика за гимназијалците, а по две години и за матурантите од средните стручни училишта, додека за средношколците од уметничките училишта остануваат мачин јазик и странски или естетика/филозофија, а ќе се воведе историја, истакна Ристовски.

Средните стручни училишта имаат најдолг период за адаптација. Таму матурата можеби ќе се полага на двапати -  прво математика, по завршување на  втора година, а на крајот од четврта и останатите предмети од матурата.

- Цениме дека е неопходно математиката да биде задолжителен предмет, затоа што тоа е материја малку видлива, но многу практична и ефективна во секојдневниот живот. Особено значајна за младите кои се определуваат за техничките струки... Во сите меѓународни пракси и истражувања јасно е покажано дека земјите кои силно се фокусирани на математиката во кој било сегмент  од образованието, имаат многу поквалитетни резултати, истакна Ристовски на прес-конференција.

Роковите за државната матура засега остануваат непроменети. Полагањата ќе бидат во јуни и во август за тие што нема да ја положат матурата.

 

04.11.2013 - 13:22
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега