Органското производство во Македонија се подостапно за граѓаните
Органското производство во Македонија станува се подостапно за граѓаните и се повеќе е барано и присутно во исхраната. Бројот на органски производители во земјата е се поголем, а се зголемуваат и субвенциите за органските производители.
Граѓаните денеска имаа можност да ги вкусат овие производи на Фестивалот на органска храна што го отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
- Почнувајќи од 2007 година кога беа потрошени 11 милиони денари од БУџетот на Република Македонија за финансиска поддршка на органското производство, за само четири години се зголеми за 10 пати, односно се реализираа 110 милиони денари. Висината на поддршката секогаш ја одредуваме во соработка со сите форми на земјоделско здружвување и во согласно со потребите на производителите кои добиваат за 30 проценти повисоки субвенции во однос на конвенционалните производители, истакна Димовски.
Производителите велат дека интересот на граѓаните е се поголем за ваквиот вид на храна. Посочуваат дека станува збор за здрава храна без додатоци која треба да се конзумира.
- Се поголем е интересот на луѓето да купуваат овие производи, а се зголемува и потрошувачката на ваквиот вид храна. Граѓаните се повеќе се едуцираат за овие производи, изјави Кети Гешовска од „Биона“.
Фестивалот на органска храна се одржува на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Се организира по шести пат од страна на Федерацијата на производители на органски производи под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.