Хемиска кастрација за педофилите во Македонија
Подигање на општиот максимум на казната затвор, забрана за посетување спортски натпревари, како споредна казна за насилничко однесување при спортски натпревари и внесување посебна мерка - медицински третман односно хемиска кастрација за полово насилство врз деца се трите дела од измените во казнено правните санкции во рамки на 77 члена во кои е интервенирано за измени и дополнувања на кривичниот Законик.
Министерот за правда Блерим Беџети потврдува дека од 1 декември почнува примената на новиот кривичен Законик.
- Заедно со експертската јавност да пристапиме кон овие доста крупни измени во кривичниот Законик. Предлозите и идеите што ќе бидат дадени на денешната јавна расправа ќе се анализираат и ќе се утврди дали има потреба да бидат дел од новиот закон, изјави Беџети.
Исто така и министерот за труд и социјала од своја страна истакна дека Министерството за труд и социјала предлага зголемување на затворските казни за кривичното дело полов напад врз дете и воведување медицински третман.
- Анализата покажа дека просечната затворска казна што е изречена на 139 сторители за вакви кривични дела е 6 години, а најчесто изрекувана затворка казна, во 35 случаи односно во 25, 5 проценти е 4 години затворска казна, појасни Диме Спасов.
И академик Владо Камбовски информира дека затворската казна од 15 се подига на 20 години за полов напад врз дете, а за делата за кои е предвидена и казна доживотен затвор може да се изрече долготраен затвор од 40 години: -
Со тоа се проширува казнената рамка која досега се покажуваше недоволна за дела како што се половото насилство врз деца, тероризмот, тешки облици на корупција и организиран криминал и убиства..., рече Камбовски.